Динамиката на моќта во парасоцијалните врски

Еднаш пишувавме за парасоцијални врски - кога фанот умислува дека има некаква поврзаност со славна личност.

Симпатичното е кога имаш 12 години и Бред Пит „ти е дечко“. Морничаво станува кога си возрасен и уверен дека „го познаваш“ тој што го гледаш и слушаш од далеку. А најморничаво е кога реално ќе го сретнеш и тој ќе го злоупотреби тоа.

Темата е Колин Балинџер, Јутјуб ѕвезда со десетици милиони следачи, од кои многумина ја имаат најдено како тинејџери или помлади. Паднале на нејзиното „откачено“ фиктивно алтер его - Миранда Сингс, адолесцентка без таленти што мисли дека знае да пее. Резултатот од милионската популарност е серија на Нетфликс, распродадени претстави во живо и во последно време сè поинтензивна контроверза.

Ролинг Стоун извести дека Балинџер „се однесувала неадекватно“ со малолетни фанови - ги прашувала за невиноста и за омилените секс-пози и им барала слики од нивните тела, иако немало никаква сексуална позадина зад ова и се алудира дека Балинџер немала намера да почне сексуална врска со дете. Сепак, на свои 30 и кусур, имала групен чат со мали тинејџери со кои водела разговори неприкладни за деца, им се доверувала за проблеми со разводот и ги мобилизирала да го малтретираат поранешниот сопруг. 

Ана Акана коментира за трендот на јавни извинувања, од ред солзи, ред мрсули, до ПР кампањи, една дури и интерпретативен танц измисли за извинување, ама во случајот на Колин Балинџер, во контекст на сериозните обвинувања, таа реши да реагира со - укулеле.

И да ја цитираме:

„Ако не знаете која е Колин Балинџер, честито. Сè што имам дознаено за неа било против моја волја.“

28 јули 2023 - 14:21