Дали тексас-гаќите се трол?

Веројатно ги видовте по интернет, само колку сериозно треба да ги сфатиме?

Досега сме имале секакви неверојатни тексас феномени, и последно достигнување се гаќиве, само што, не се најконтроверзни до сега.

Ви текнува на „Барем имаат џебови?” Е, во такво време живееме.

Може да се тролање на модно-заулавената јавност, но тоа не ги спречи луѓето да ги дискутираат до бесвест. Доаѓаат од парискиот бренд Y/Project и чинат 315 долари.

Триста и петнаесет долари за неудобни гаќи со патент и копче, бе. Она што треба да ни биде јасно е дека не се работи за обична „тексас гаќа”, туку за сериозни фармерки (без ногавица, добро), со џебови, иако во нив не собира телефон, да речеме.

На Твитер некој ги нарече тексас пелена.

И сега, нè шетаат ли по ќерамиди?

Според Глен Мартенс, идејата на целата колекција е да се поедностават работите и да се игра со конструкцијата. И навистина, колекцијата ја красат поларитети од ослепувачки грдо до фантастично креативно.

Сепак, самиот факт што се продаваат, ви остава избор - дали ќе шетате во животот со тексас гаќи, или сепак ќе се задржите на поортодоксни (и појаки) решенија?

4 април 2019 - 00:00