
Требаше да ни заштеди време, пари и простор, а притоа да ни обезбеди беспрекорен стил. Но, некаде меѓу петтата бела кошула и третиот беж џемпер, се појави едно прилично разумно прашање: нели бе, дотерувањето требаше да биде и забавно?
Концептот на модна капсула, или капсулна гардероба не е нов. Во седумдесеттите години го популаризирала Сузи Фо, сопственичка на лондонскиот бутик Wardrobe, а во осумдесеттите дополнително го прославила Дона Каран со својата колекција Seven Easy Pieces. Основната идеја била практична: помал број квалитетни парчиња што лесно се комбинираат и одговараат на различни прилики.
Со подемот на минимализмот, социјалните мрежи и естетиката на quiet luxury, оваа практична филозофија постепено доби и строги визуелни правила. На Пинтерест и Инстаграм капсулната гардероба најчесто изгледаше како бескрајна варијација на бела, црна, сива и беж боја. Совршено испеглани кошули, класични панталони, мокасини и капути што изгледаа скапо, макар и да не беа купени за високи суми.

Одеднаш - униформа.
Затоа се уморивме.
Требаше да нè ослободи од непотребните модни одлуки, а стана само уште еден систем на правила. Имаш шарен фустан што го обожаваш? Не може, тоа е непотребен луксуз и не одговара со ништо. Имаш чевли што те прават среќна, ама „одговараат“ само со две комбинации? Фрлај. И купувањето нешто само затоа што нештото ти се допаднало одеднаш мораш да го правдаш, и тоа пред себе?! Не е фер.
Паралелно со ова, интересот за винтиџ облека, максимализам, необични модни додатоци и поеклектични комбинации отвора простор за поинаков пристап. Брошеви на спортски јакни, бисери со фармерки, неочекувани бои и парчиња што на прв поглед воопшто не си одговараат. Облеката повторно станува средство за експериментирање, со сите мали грешки што го прават личниот стил интересен.
Секако, модната капсула не престанува да има предности само затоа што ни се здосади. За луѓе што не сакаат да размислуваат многу за облекување, таа може да биде исклучително практична, а внимателното купување има смисла и од финансиска и од еколошка перспектива. Проблемот започнува кога еден корисен принцип ќе се претвори во универзален рецепт за добар вкус.
А сме расправале и за модна капсула и за тивок луксуз.