
Трендот што на социјалните мрежи се нарекува grandmacore веќе неколку сезони добива различни интерпретации. Привлечноста му лежи во мешавината од носталгија, женственост и една старомодна елеганција, но и во можноста облеката да изгледа како да има сопствена историја. Додај желба за истакнување, индивидуалност, препознатливост и имаш добитна комбинација.

Можеби највпечатливиот камбек го имаат брошевите. Едно време беа за некакви први дами, за накит резервиран за костимче, за класичен џемпер за тетки... Сега, еден старински (или што глуми старински) брош ќе го најдеш и на газ на фармерки, и на ранец и на ташна и на оверсајз сако... Што и да е, нема потреба да има нешто заедничко со неговата оригинална естетика.

Слично и со свилените марами. Врзани околу врат, во коса или на рачка од ташна - веднаш ти текнува на едно друго време кога модните додатоци се бираа со поголемо внимание и се користеа со години. И бисерите одамна излегоа од рамките на класичната елеганција. Денес се комбинираат со кожни јакни, широки кошули и спортски парчиња, често со намерна доза на иронија.

Интересно е што овој тренд се развива паралелно со зголемениот интерес за винтиџ облека и купување од втора рака. Во потрагата по нешто автентично, модата повторно ја открива вредноста на предметите што веќе постојат и старинската ташна или плетениот кардиган добиваат привлечност токму поради тоа што не изгледаат како да се произведени вчера, за сега.
Патем, ова не е ново - секоја генерација во одреден момент се фаќа по естетиката на претходните - младите жени повторно ги присвојуваат деталите од кои нивните мајки и баби некогаш се обидувале да се ослободат за да изгледаат помодерно.
Значи, тоа е, мрш на бувјак и на следниот second hand базар.