Дали коронавирусот ќе ја убие инфлуенсерската култура?

Додека корона коси луѓе и индустрии, многумина остануваат без работа, без идеја и без зборови, ама ретко кој станува со секоја минута побескорисен како инфлуенсерите.

Поточно, би биле они корисни ако сменат лента, и некои од нив навистина сфаќаат што ги снаоѓа и гледаат влијанието да го искористат за и самите, а и нивните следачи полесно да се справат со пандемијата што ни се наметна на секојдневието.

На пример, постои инфлуенсер со име Џастин Бломгрен - згоден, дотеран микро-инфлуенсер од Сан Франциско со 32.300 следачи и минатата недела објави фотографија како стои на карпа, гледа во океанот и под сликата пишува, „Да бидам искрен, ми снема муабет… Ама еве ви слика каде што се гледа дека сум жив и здрав.“ Додавајќи и разиграни емоџи, Бломгрен несакајќи го претставува тоа чудно чистилиште каде што сега се наоѓаат инфлуенсерите: со потреба да влијаат, но без совети вредни за споделување (што не се веќе кажани милион пати и тоа од СЗО).

Последниве години, лајфстајл инфлуенсерите (што споделуваат финти за фино живеење или корисности од нивното секојдневие, а во основа ни покажуваат колку тие фино живеат) - кои себеси се нарекуваат „креатори на содржина“ - градат фидови исполнети со преубави и внимателно уредени животи. Платите им се од спонзорирани постови и соработки со брендови. Придобивките вклучуваат бесплатни патувања, дизајнерски парчиња, покани за јаки настани, а за возврат, инфлуенсерите објавуваат твитови, сториња, Инстаграм постови и Јутуб видеа. Ги плукаат истовремено, заради „пресовршените“ слики, заради недостаток на автентичност итн, ама секогаш успевале да се вратат на нозе. Но добро, знаеме што се инфлуенсери и главно - живеат од нивната конекција со следачите и она што им го сервираат.

Со Ковид-19, како се прави тоа?

Тешко.

Кампањите се замрзнати. Следачите поретко се палат на фотографии од скапи нешта. И како што се шири коронавирусот, како ќе успеат инфлуенсерите да останат релевантни? И уште поинтересно прашање - дали некој ќе воопшто ќе се потресе ако не останат?

Мега инфлуенсерката Ариел Чарнас, на пример, го изеде овој период затоа што изгледаше како нејзиниот статус да ѝ помогнал да се тестира за корона, додека луѓе што реално биле изложени на ризик чекаат ред. Дополнително ѝ се налутија кога со семејството замина за Хемптонс, во време кога многу преморени родители се заглавени дома со деца. И славните личности покажуваат колку е лесно да направиш погрешен потег - во време кога анксиозноста е на врв, привилегијата е многу побучна. Така што, кога со базен во позадина, чаша Кристал и лежалка од 14.000 долари ќе речеш „Заедно сме во ова“, лесно е да те нападнат дека - баш и не сме затоа што тебе базенот ти е колку мојата гарсоњера, само малце поскап.

Некои инфлуенсери сепак разбираат каде лежи зајакот. Кристал Бик е инфлуенсерка од Њујорк Сити - епицентарот на американските корона-проблеми и вели,

„Ситуацијата секако ме замисли околу тонот што сега е потребен. Да, правам убави фотографии, но тие одговараат со она што го чувствувам тој ден и како ја процесирам ситуацијава. Се надевам дека некој ќе се пронајде во тоа.“ И паралелно со нејзините чувства, Бик со следачите споделува и информации за донирање, справување и однесување безбедно.

Сите печат леб, сите лешкараат по дневни соби и сите се вртат кон свеќи, купки и гушкање. Тоа што имаш пофини папучи за по дома, посјаен прибор за јадење и поубава куќа баш и не е така важно повеќе. Бик признава дека се мачи да креира содржини како порано - фантастични модни фото-сесии на локации низ Њујорк, но кажува и дека новата ситуација ја натерала одново да ја открие фотографијата.

Се појавува и нова можност - следачите самите стануваат инфлуенсери. Нешто во врска со социјалното дистанцирање и неговиот комплетен недостаток на контекст, плус испарувањето на она чувство дека нешто пропушташ ако не излезеш надвор, ги тера луѓето да ги отфрлат инхибициите и да излезат „на сцена“. Сопственичка на винарија од Англија стана „Тетка Бети“, исмевајќи се со уштиркани англиски дами, фризерка од Флорида почна да носи маска од мачка и да забавува нови следачи… се раѓаат експериментални алтер-ега.

„Има нешто ослободувачко во однос на онлајн идентитетот, кога не поминуваме време со луѓето во живо,“ вели Адам Браун, професор по психологија во New School for Social Research. „Луѓето имаат импулс да пробуваат нови идентитети и поинакви пораки.“

Инфлуенсерите кои се врзани со договори и внимателно изработени слики едноставно не можат да бидат толку слободни. Според Браун, најмногу што можат е да се префрлат на ресурси за безбедност, заедништво и чувство на доверба. Смета дека со тоа што Ковид-19 ќе остане меѓу нас на неодредено, полето ќе се стесни затоа што повеќе луѓе ќе гравитираат кон помала група инфлуенсери кои им даваат тоа што им треба. Колку е одржлива оваа стратегија не се знае, ама  сепак е некаква стратегија.

„Исто така, можеби лајфстајл инфлуенсерите можат и подобро; можеби навистина можат одново да се измислат, на начини кои се малку пооткачени и поискрени - а со тоа и повеќе од помош, за разлика од порано. Со малку повеќе слобода од брендовите, инфлуенсерската култура за време на Ковид-19 може да има можност за ребрендирање што се добива еднаш во 100 години.“

22 април 2020 - 15:14