
Групата активисти облечени во бели мантили, во павилјонот влегуваат да се бунат против јаглеродните емисии и да бараат земјата да побрза со намалувањето на загадувањето од моторни возила.
За да бидат сфатени сериозно, со суперлепак си ги лепат дланките цврсто за бетонскиот под. Неколку тврдат дека ќе седат така, некои и на штрајк со глад, додека не им се исполнат барањата.
Значи едното барање е „да се намалат карбонски емисии“, тоа баш и не знаеме колкава временска рамка му треба.
Другото е „да се намали загадувањето од возила“, значи, ако забрани државата општо движење, можеби за два дена? Со тоа што луѓе што одат на работа, разнесуваат деца во школо и општо имаат право да си возат коли, исто така може ќе посакаат да се залепат за бетон. Но, добро.
Вработените ги ислушале и решиле дека - ќе ги остават.
„Ако.“
Така почнува и да се распаѓа протестот. За само неколку часа, активистите почнуваат да се жалат на социјални мрежи. Ги болеле рацете од лепакот. Ладно им било. Гладни биле. Сакале да одат во тоалет, но вработените одбиле да им донесат кофи и легени. Во еден особено запамтлив момент, некои се пожалиле и дека не можат да си нарачаат храна, па морале да го јадат тоа што им го донеле од Волксваген. Изгледа престанал да важи и штрајкот со глад.
На сите овие маки, дошол и крајот на работното време. Вработените не се обиделе ни да преговараат. Го исклучиле греењето, изгасиле светло и просто, си отишле дома.
Активистите останале залепени за бетон. Нормално дека пак се жалеле што така ги оставиле, а плус, тие што пробале и да спијат, се жалеле дека ноќните чувари многу им светеле со батериски ламби. Сето ова колабирало за 48 часа - прв си отишол лидерот откако му отекла залепената рака, па лекари почнале да предупредуваат на згрутчувања на крвта.
Германија продолжи да инвестира во обновлива енергија и производство на електрични возила, ама еден од најглупите протести во историјата секако немаше врска со тоа.