Дали е време да се иселиш од кај твоите?

Прашањево го поставува една читателка на The Cut, која очигледно не е наша. Кај нас тие работи идат поинаку. А, (спојлер) одговорот на прашањето е „да”, за кај нас особено, затоа што е ред да се научиме дека не се сели само затоа што се мажиш. Сепак, има повеќе нешта што треба однапред да ги спремиме.

Драга Шарлот,

Имам 20 години и во моментов живеам со моите, бесплатно (одма е јасно дека не е наша, затоа што кај нас не би имало потреба од дообјаснувањето „бесплатно”). Работам и сама си плаќам сметки, помагам и во разнесување на помалите браќа и сестри во школо и по активности. Затоа што не плаќам кирија, можам да си платам сметки на време, да излезам, да патувам и да уживам во животот, но не можам да се откачам од чувството дека сум неуспешна затоа што уште живеам дома. Гледам дека колегите и пријателите се мачат да врзат крај со крај и да живеат од плата до плата и се чувствуваат мизерно. Истовремено, знам дека не можам да живеам дома вечно. Треба ли да стиснам заби и да си најдам стан?

Одговорот:

Прашањето не е дали треба да се иселиш, туку кога - и како да го направиш тоа достоинствено. Во меѓувреме, нема потреба да мислиш дека си неуспешна што делиш покрив со твоето семејство, особено на 20 години, плус и кога веќе помагаш по дома и работиш. Да дремеше по цел ден и само им јадеше на твоите од храната и им трошеше интернет, ќе разберев зошто би чувствувала вина. Но тоа што го правиш ти е одговорно. Гледај го ова време како писта спремна за мазно полетување кога ќе заминеш - за да го искористиш најдобро што можеш, мораш да ги знаеш границите.

Кога имав 22 години и се нафурав на возрасен живот, изнајмив стан што не можев да си го дозволам. Се сеќавам дека дека стоев по туш, гледав како водата оди во одводот, и си мислев каква метафора е тоа за мојата сметка во банка. Следната година, една од цимерките се пресели назад кај мајка и за да заштеди пари за школување, друга си отиде на сред месец за да се среди кај нејзините дома откако доби отказ. Уште една цимерка ме изненади после тоа: ја донесе нејзината помала сестра која спиеше во нејзината соба. Во меѓувреме, на мојата прва работа, многу постари колеги уште живееја со семејствата, освен мојот 29-годишен претпоставен, кој живееше со девојка му и нејзините баба и дедо.

Поентата е што, да стигнеш до финансиска независност е хаотичен, непријатен процес и никогаш не се случува во вакуум. Што е побитно, да се лансираш надвор од гнездото, во надеж дека ќе се дочекаш на нозе не е најмудрата стратегија - од искуство ти кажувам.

Исто така, да знаеш дека твојата ситуација е сосема нормална: процентот на млади Американци кои живеат родителите неодамна достигна врв во последните 75 години - 40%. Повеќето економисти сметаат дека ова се должи на зголемените кирии и студентските долгови, но ако ги прошириш видиците, ќе излезе дека може така треба - во други земји и култури, нормално е младите до 25-30 да живеат дома. А и зошто да не? Комбинирање ресурси со семејството не е само ефикасно, фино е - иако е големо задоволството да бидеш независен, да помагаш на тие што ги сакаш е исто супер.

(Гледате како Американците живеењето дома со родители го гледаат како едно ново, неиспробано решение, демек еј, па можело и вака).

Сепак, и ти си во право - еден ден ќе мораш да живееш без твоите, и штом ти текнуваат вакви работи, тоа е важен знак.

Првиот чекор е да ги разгледаш бројките. Направи божемски буџет, и почни да штедиш колку што би давала на кирија секој месец. Сумата одреди ја според цената на станот што би сакала да го имаш - истражи го пазарот и пресметај. Идеално би било да имаш заштедено за 3-4 месеци кирија пред да се преселиш. Со вакво „вежбање”, имаш простор за правење по некоја грешка или адаптирање, наместо да се вметнеш сосила во ситуација каде што ќе ти фалат пари, ќе си го оштетиш кредитот или ќе го изгубиш станот. Оваа фаза ти е како помошни тркала.

Следно, размисли околу твоите родители. Со оглед на тоа што не ги спомна во писмото, претпоставувам дека им е драго што си им дома, особено кога веќе помагаш со браќата и сестрите. Сепак, предлагам да смислиш план пред да им ја почнеш темата. Ако им дојдеш со јасен план, заштеда и добра идеја, поголеми се шансите да добиеш поддршка.

(За илустрација и размислување: Знаете ли дека кај нас има и луѓе што живеат со своите брачни партнери под кирија и родителите им ја плаќаат, без разлика што работат?)

Ова ти е време да почнеш со добри финансиски навики. Раните 20-ти се клучно време да почнеш да инвестираш во пензиски фонд, колку и да звучи глупо. На пример, тие 3-4 месеци заштедена кирија? Држи ги како „фонд за итни случаи” и продолжи да вложуваш во него додека не собереш за покривање на трошоци за од три до шест месеци однапред. За секој случај.

Да се иселиш од кај твоите е голем чекор, но ако убаво го размислиш, може да те подготви за многу постабилна финансиска иднина.

Што може да те чека понатаму? Па ако направиш сè како што треба, на пример, сите тие мали задоволства кога живееш сама.

27 март 2018 - 13:46