Четири модни грешки што ве прават постари

Каналот на Жустин Леконт е непресушен извор на едноставни мудрости и решенија од домаќин што не ти се дере во фаца. И овој пат зборува за грешки што нè стареат.

Прво да се разбереме - секој може да носи што сака, без разлика на возраста, ама тука не е тоа муабетот. Овде зборуваме за парчиња облека што даваат погрешен впечаток и како (лесно) тоа може да се поправи.

Првата грешка е носење „кабасти“ алишта, широки, како да ве мрзи да излезете од пижами (колку од вас се лично нападнати тука?). Лесна грешка е, затоа што над 40 веќе не се замараме толку со „згодноќа“ и сакаме да ни биде удобно, но истовремено над 40, голем процент од жените, за жал, престануваат да си го сакаат телото, па на желбата за удобност се придружува и (потсвесна) желба да се сокриеш. Така завршуваме во широки панталони и широки кошули, што е скроз удобно, но личи непотрудено и уморно. Решението е едноставно - треба да се внесе нешто „точно“, нешто што ќе покаже линија на тело и тоа се прави на пример со каиш, што ќе направи струк.

Втора „грешка“ е ако носите само неутрални бои. Ова е веќе дискутабилно затоа што многу тренди и фини работи се во неутрални бои, до скоро нè малтретираа со тивок луксуз што пак инсистираше на неутрални бои, па ѝ со clean girl aesthetic, ама има тука и малку модна историја. Неутралните бои биле многу полесни за постигнување при првичните фарбања на облеката, затоа и повозрасните ги носеле, а младите вложувале во облека во боја. Како и да е, внесување жива боја во комбинацијата го освежува целиот изглед, а во видеото има цела филозофија на нијансите.

Уште една, трета дискутабилна тема се додатоците - и како претерувањето нè прави постари. Луксузните брендови како Картие и Тифани сè уште продаваат сетови од алки, менѓуши, ланчиња и прстени и ова, освен што е „стари пари“ и „тивок луксуз“ потсетува и на старо. И реално, ако ова ви прави ќеиф - ако - ама не се плашете да измешате, или да одите со нешто едноставно и - едно, две - чисто за да биде посовремено.

И на крај, премногу (на број) јаки принтови. Ова го правеше Ајрис Апфел на пример, но добро, Ајрис Апфел смееше да прави што сака. Сепак, ви текнува како изгледа? За повеќето луѓе премногу различни бои и принтови потсетуваат на 1970-те, кои, да се потсетиме, беа пред 50-тина години, па јасно ви е од каде доаѓа тврдењето дека ова претерување нè прави постари.

3 јули 2024 - 00:00