Госпоѓата привлекува внимание каде и да се појави - дури и на зум-состаноци. Има 100 години, дотерана е до најситен детаљ, на вратот има повеќе нижени ланчиња, а на рацете алка, врз алка, врз алка. И најавува колекција со H&M.
„Многу се радувам. Мислам дека H&M заврши фантастична работа во преводот на она што го имав на ум,“ вели Апфел за колекцијата што слави „Цел век на личен стил“.
Новата колекција отелотворува сѐ што претставува Апфел: мешање текстура и дезени, ведри и храбри бои и ризикување со претерани силуети.
Колекцијата ја опишува како „разиграна и многу среќна“, со по нешто за сите „и млади и стари“. Има виолетова јакна од тул, макси-сукња со цветен принт и иста таква блуза, светли мини-фустани, разлетани кафтани и костим за капење во чест на нејзините карактеристични очила и стотиот роденден, меѓу другото.
„Не знам од каде ми доаѓа инспирацијата. Експериментирам, љубопитна сум. Сакам да пробувам нови нешта. Правам тоа што чувствувам дека ми одговара. Импровизирам. Понекогаш функционира, понекогаш не. Но, секогаш е возбудливо.“
Инаку, Ајрис Апфел „случајно“ станува икона, како што вели и самата. Родена е на 29 август, 1921, а титулата „случајна икона“ истовремено е и наслов на нејзината биографија од 2018. Во нејзините 100 години имала многу улоги и работни позиции. Нејзината љубов кон текстилот почнува уште кога била мала и играла со остатоци од материјали во домот на нејзините баба и дедо. Била и копирајтер за Women’s Wear Daily, а во 1950 ја основала текстилната фирма Old World Weavers со сега веќе починатиот сопруг Карл Апфел кој исто така доживеа 100 години. Куќата им ја има уредувано на девет американски претседатели, од Хари Труман до Бил Клинтон, а била и модел и автор.
Без разлика дали преку добротворната работа, бројните соработки или шарената колекција за H&M, Апфел на модните ентузијасти им дава шанса да влезат во нејзиниот свет и се надева дека повеќе луѓе ќе можат да добијат барем по едно парче пред неизбежно да се распродаде колекцијата.
„Секое парче ми се допаѓа од различни причини. Има сакоа што едноставно не можат да се споредат со пижами, на пример. Сите се различни, за различни намени и сите ги сакам,“ вели таа. „Се надевам дека и другите ќе ги сакаат.“
На прашањето дали следен проект би бил нејзин моден бренд, се смее и одговара со, „Можеби, но мислам дека сум малку стара за почнување бизнис.“
Колекцијата е тука.
Види и: