Бремените жени стануваат државна сопственост

Од Америка до Полска, женската приватност систематски се еродира.

Милиони Американки веќе немаат пристап до абортус во сопствените држави. Тринаесет држави веќе донесоа анти-абортус тригер-закони кои стапија на сила само што пропадна Ро в. Вејд и ова значи дека жените што живеат таму сега мора нелегално да се снаоѓаат со апчиња за абортус или патување до Калифорнија, Њу Мексико или Мичиген, во нешто што се вика „репродуктивен туризам“.

Но, не е Америка единствена што води сметка за матките на жените. Во Полска, каде што сега има скоро-па-тотален бан на абортусот, можно е жените наскоро да мораат да ги регистрираат нивните бремености (сакани или несакани). Министерот за здравство, Адам Нидзиелски потпиша наредба со која од докторите се бара да ја регистрираат бременоста на нивните пациенти, заедно со историја на болести, медицински посети и крвна група.

Критичарите велат дека „регистарот на бремености“ е начин за надзор над жените и потенцијално кривично гонење на тие што може ќе се обидат да побараат абортус. Министерот ова го одрекува и тврди дека е само дел од поголем напор да се дигитализира водењето на досиеата.

А не е така.

Полските закони за абортус се едни од најстрогите во Европа. Пристапот до абортус е легален само во случај на силување, инцест или ако животот на жената е доведен до ризик. Понатаму, полската влада ја претвори стапката на раѓање и промоцијата на „семејството“ во политички проект. Значи и покрај тоа што Нидзиелски се буни, регистарот е дел од поширока трансформација на бремените женски тела како јавен имот - на кој му се суди, се проценува и се користи од власта.

Ерозијата на женската приватност и трансформацијата на нивните тела во објекти од јавен интерес не е само во Полска и САД - ширум светот властите се однесуваат како фактот што некоја жена е бремена е доволно оправдување за набљудување и кажување како треба да се однесува. Нејзиното тело и избор веќе не се приватна работа кога ќе забремени.

Време е да се предизвика постојаниот надзор врз бремените жени. И за да може, треба да го браниме принципот на приватност. Само тогаш жените ќе можат повторно да ја добијат слободата да носат одлуки за себе и своите тела.

-Ела Вилан, Спајкд

29 јуни 2022 - 14:52