„Blonde“ е ѓубре

Одамна немало филм преку кој што режисерот така гласно вриштел „жени, подалеку од мене, јас сум неподнослив човек.“

„Blonde“ иако се спремав, не го гледав на денот кога излезе на Нетфликс. Причината беше што очекував премногу, а се појавија и осврти и коментари, што од критичари, што од блиски дека е „тежок и мачен“ за гледање. Дека плачеле. Дека сирота Мерилин. А мене ми е драга Мерилин и ми е жална нејзината приказна, па си викав, ќе плачам и јас, ај за некој ден ќе плачам, не морам одма.

Ама дојде ред, сè повеќе луѓе го дискутираа, па во обид да избегнам спојлери, побрзав.

Какво безобразно ѓубре од филм е тоа, браво.

После толку години претурање по животот и делото на Мерилин Монро од страна на секакви автори, сценаристи  и режисери, после расклопување на секакви детали од нејзиниот живот од страна на јавноста, режисерот и сценарист, Ендру Доминик имал можност да ја прикаже во поинакво светло, на страна од концептот „холивудска играчка“, конечно да не ја искористи како реквизит за остварување на сопствени замисли, како човечна и силна, жена која при крајот на својот живот одлучила дека ќе биде сфатена посериозно, дури и основала продукција - и тотално потфрла од пуста желба да покаже колку е најјак. Не ја прикажува како жена што од старт го контролира својот имиџ, како згодна глумица што откако сфаќа дека упорно ја ангажираат за секс-бомба улоги, својот шарм го преточува во благо пародирање на својата сексуалност и способна за бизнис, иако оштетена поради гнасноста на дупката што е Холивуд. Ја прикажува како никогаш до крај порасната, во вечен обид да ја одобрат и да ја спасат такви како него.

Еве, ја спаси, џанам, мора да му се признае дека во однос на недостојно претставување на една од највлијателните жени на сите времиња, никој не е боље од него.

Никој од нас не ја познава Мерилин. Не можеме да знаеме каква била реално. Ама дека била еднодимензионална, уплакана и инфантилна во секој момент од нејзиниот живот не знам зошто имаат потреба да нè убедуваат. На секое „daddy“ со кое Мерилин во филмот им се обраќа на нејзините сопрузи, имаш чувство дека Доминик воскликнува како него да му се обраќа. Човекот изгледа и нас како публика нè смета за малоумни, па 746 пати нè потсетува дека „една е Норма Џин, друга е Мерилин“. Во случај да сте заборавиле, еве и на телефон ќе каже. Во случај да помислите дека е успешна актерка со мозок, ќе ве потсети дека цел живот само бара одобрување од луѓето (мажите) околу неа, а ако на момент помислите дека нешто направила за себе, ќе ве потсети дека тоа е сè затоа што никогаш не го запознала татко ѝ. Затоа Доминик уредно ќе се стави себеси во улога на уште еден маж што повеќе ги разбира работите од неа, па ќе ја прикаже и како човек што не може да се израдува на ниедна своја премиера, и сè убаво што ѝ се случува ќе ја потсетува дека сепак не вреди што абортирала. А од кого абортираните деца? Па, едно, тврди филмот е од тројната врска (што никогаш не се случила) со дури двајца синови на популарни актери од кои еден е син на Чарли Чаплин. А ако не разбирате колку е напорно да се абортира, и тоа ќе ви покаже - ќе пикне спекулум кон објективот сместен во матката на Мерилин и така ќе ја доискористи нејзината приказна за да ја наслика како жена без глас. Притоа, замолчувајќи ја и давајќи и го својот, исклучително досаден, патем. Се чини, на секои пет минути ја гледаме како лежи на бокс и моли да не ѝ вадат уште едно бебе, кога едно читање Википедија те информира дека многу е веројатно дека неуспешните бремености ѝ се поради ендометриоза, состојба за која дури од скоро почна да се зборува и со која се мачат многу жени. Ама тоа на авторот на оваа брука не му се вклопува во идејата - него Мерилин му е само постер во детска соба, без разлика што сака да го убеди светот дека „он разбрал“.

И ако сè уште не се чувствувате доволно ступидно, и уште не сте почнале да мотате напред за побрзо да заврши вреѓањето интелигенција, и околу тоа ќе се потруди Доминик: ќе ја седне Мерилин во една градина и ќе направи нејзиниот фетус да ѝ се обрати, да ја замоли да не го убива. Ѝ зборува, се убедуваат.

Има една-две работи што вредат да се видат. Првата, и убедливо највредна е Ана де Армас лично. Врвно талентирана и прекрасна (а богами во истиот кош се и екипите за шминка и фризура), Ана де Армас успева малку од малку да го извади филмот од купчето повраќаници во кое самиот се става, со исклучителна изведба и буквално претворање во Мерилин. Просто да ја жалиш што таква улога игра во ваква глупост.

Втората, помалку битна (сè во филмов е помалку битно од Ана де Армас), е финтата од веќе постоечки слики од Мерилин да се градат сцените во филмот. Убаво е за гледање, интересно е, ама самиот филм кратко откако ќе те почасти со сцената, ти го убива ќеифот со својата еднодимензионалност, малоумност и безобразлук кон нејзиниот живот и дело.

Адријан Броди е исто врв, а и Тоби Хас, иако им се помали улогите.

И не викам да не се гледа. За овој филм ќе се зборува многу долго, ако ништо друго, барем за изведбата на Де Армас, ама направете си услуга, и мотајте. Не дозволувајте самобендисаноста и менталната онанија на неговиот автор да ви ја наруши сликата за жената што беше доволно самоуверена и свесна за својата моќ, да не дозволи некој да се подјебава со Ела Фицџералд, што реши да стане продуцент за да има поголема контрола на примањата и ангажманите и која видни феминистички имиња ја вбројуваат меѓу жените кои ја промениле индустријата.

Мерилин, извини, точно 60 години поминаа, ама ние изгледа уште ништо не сме разбрале.

-Јана

3 октомври 2022 - 00:08