Балман го дочекавме во кругот на Барби и Кен

На креативниот директор на Балман, Оливие Рустенг, му фали патување и за последното есен/зима 2021 шоу реши да си го направи меракот. Како, во пандемија? Со барбики.

Машката и женската колекција ги снимија во хангар на Шарл де Гол во Париз, со стар авион 777 на Ер Франс и единствените присутни беа - Барби и Кен.

„Не знам каде одиме,“ рече Рустенг пред да почне стримингот, „но знам дека некаде сигурно се движиме. Поентата не е дестинацијата, туку самото одење - патувањето, заминувањето и бегството.“

За есенско-зимската колекција, Балман се здружи со Мател и „поканија“ две Барби кукли и една кукла Кен кои истовремено служеа како модели, облечени во пастелни костуми со пагода-раменици, со што се прави чест на основачот, Пјер Балман.

„Како и Балман, Барби има уникатна историја, уште од нејзиното појавување во 1959 - беше интернационална икона и муза, возбудуваше имагинации и влијаеше на секакви прашања во цел свет,“ вели претседателот на Мател Ричард Диксон. „Секое од нејзините многубројни партнерства е одраз на некое време и овековечување на поп-културата.“

 
16 март 2021 - 11:11