„Американска хорор приказна“ ќе извади спиноф

Ќе се вика „АмериканскИ хорор приказнИ“.

Одложена е 10-та сезона, колку за информација на тие што не се откажавте после сезоната со Гага, кога на крај од ќеиф си правеа и спотчиња и музикички, но фановите добиваат поглед во новата антологиска серија, „Американски хорор приказни“.

Снимањето и продукцијата на 10-та сезона се заглавени поради ковид, но има тизер за спинофот. Прв пат беше споделен на Златните глобуси, а подоцна и на Твитер, за да може публиката да види што да очекува.

Од она што знаевме дека ќе биде - мрачно е. Нараторот ветува дека „ако му погледнеш во лице на злото, и тоа ќе те погледне назад“, плус класични Рајан Марфи мотиви - гробишта на дожд, кловнови, напуштени куќи…

Прв пат ја најавија серијата во мај минатата година - ќе има 16 едночасовни епизоди, секоја на поинаква морничава тема. Добрата вест за фановите е што ќе има преклопувања со оригиналот, и ќе се појават омилените соработници на Рајан Марфи, како на пример Френсис Конрој и Сара Полсон.

Засега не се знае кога точно ќе почне да се емитува серијата, па има доста простор за шпекулација каков поточно нездрав заплет ќе видиме.

8 март 2021 - 12:11