Шефовите, службите за човечки ресурси и кираџиите во деловни простории се израдуваа кога работната сила се врати со досега невидени нивоа на прегорување, и ова доведе многумина да решат дека веќе им е доста од мизерните, непроменливи професионални животи. Последниве неколку месеци се случуваше The Great Resignation, каде 2,9% од работниците дадоа отказ и речиси еден од четворица планира да промени улога или кариера. Само во април четири милиони Американци напуштија работа, а во првата половина на 2022, милиони Австралијанци се очекува да ги следат. Ова се разбира води до недостаток на работна сила, проблеми кај истите тие шефови, служби за човечки ресурси и кираџии на деловни простории, а до воодушевување кај милион луѓе на Редит кои се посветуваат на новата можност наречена „да си ја напикаш работата кај што не грее сонце“.
Има сабредит (r/antiwork) и е храм на анти-капитализмот, и потсетник дека нов начин на живот навистина може да постои, благодарение на можност што се појавува еднаш на генерација - да се направи притисок на шефовите на кои им треба работна сила повеќе отколку што на таа работна сила ѝ се потребни пари. Заедницата ова го опишува како место „за оние кои сакаат да стават крај на работата, кои се љубопитни за ставање крај и сакаат да го искористат најмногу што можат животот без работа, сакаат повеќе информации за анти-работни идеи и сакаат лична помош со сопствената работа и мачењето околу неа.“ Ова во пракса значи дека се работи за простор каде што луѓето одат да кукаат за проблемите на работа, без некој да им рече дека се мрзливи и разгалени, или да ги потсетува дека треба да се благодарни за какво и да е работното место што го имаат.
Заедницата е сакана и посетувана истовремено и поради тоа што е неочекуван хаб на анти-капиталиситчка реторика и социјалистички дискурс кој се залага за комплетно реновирање на начинот на кој го сфаќаме работниот однос и индивидуализмот кој го доминира начинот на кој размислуваме и се чувствуваме околу нашите работни животи. r/antiwork ги охрабрува членовите отворено да дискутираат за плати, да се бунат за нефер разлики во примањата и да имаат поголема почит за балансот работа-живот со нечитање пораки во слободни денови и организирање на синдикати и иницијативи за социјална неправда во работно време. На друго ниво, заедницата ги учи членовите како да се заштитат во општество што експлоатира труд, без разлика дали тоа значи да се искористува секоја минута од слободните денови и одморите, барање друга работа и интервјуа за нова работа во работно време или едноставно „одјавување“ додека сè уште земаш плата за работа на која претходно си се трудел.
Се разбира, во толку голема онлајн заедница, секогаш има и лажни постови, па скролање набрзинка по некои од најголемите, најподатливи за мемиња-пораки од шефови на Твитер и Инстаграм ќе ви открие дека сепак се лажни. И покрај ова, сè уште има очигледна катарза во сентиментот зад нив. Дури и како лажни пораки, неподносливо често луѓето се пронаоѓаат во нив, а и секој што искуцал, па избришал лута порака до шефот, за да напише извинување и ветување дека ќе заврши најбрзо што може.
Иако за Генерација З и миленијалци често се негодува дека се мрзливи или „не им се работи“ (на што и едните и другите брзо ќе одговорат дека да, се разбира, каде е проблемот?!), и дека имаат заслуги за промена на границите околу балансот работа-живот, она што е интересно кај оваа заедница е дека не е поделена на класа или генерации. Има канцелариски работници што кукаат по нов начин на живот колку што има и вработени во фаст-фуд или на шанкови, или келнери, наставници и магационери. И има тинејџери без обврски што си одат од нивните глупи работи колку што има и возрасни со деца, хипотеки и коли.
Тешко е да се замисли дека r/antiwork би можел да ја опфати нашата колективна имагинација во било кое друго време. Каналот е креиран во 2013, но доби на сила во подоцнежните фази на пандемијата. Реториката што важи е антитеза на прегорувачката, живеј-за-да-работиш култура што доминираше во Силиконската долина последнава деценија. Затоа и е толку возбудливо и освежително и - за милионите прегорени работници што не сакаат да бидат следниот Џеф Безос, Стив Џобс или Илон Маск - толку потребно.
„Што ако едноставно - не работам?“ вели еден од постовите на r/antiwork. „Звучи неверојатно. Едноставно - не. Никогаш. Ништо, никогаш. Каков концепт!“