По пандемијата следуваат нови „разбеснети ’20-ти“

Така вели Лореал, така се надеваме сите, затоа што многу, ама многу ни требаат нови „roaring ‘20s“

Лореал, кој е мајка и маќеа на повеќе од 30 брендови, меѓу кои и Мејбилин, Ланком и Гарние, предвидува дека ќе скокне продажбата на шминка, а носењето кармин ќе стане симбол на „враќањето во живот“. Во референца за хедонизмот на ’20-те, после првата светска војна и пандемијата на грип во 1918, Жан Пол Агон, извршниот директор на Лореал најави „фиеста“ на мејкап-пазарот.

„Луѓето повторно ќе се радуваат што можат да излегуваат, да се социјализираат. Ќе биде како во ’20-те на XX век, ќе има фиеста од шминка и парфеми. Карминот ќе стане симбол на враќање во живот.“

Пазарот на козметика потона за време на пандемијата, со затворањето на продавниците и работењето од дома - многу жени немаа потреба од купување нова шминка. Она што се смета за основен дел од секојдневната шминка, како пудра и кармин падна за 70%.

Продажбата на Лореал во Кина, каде имаше многу ковид-рестрикции живна за кратко откако заврши строгиот локдаун и овозможи поглед во тоа како ќе изгледа опоравувањето - продажбата скокна за 27%.

Инаку, „разбеснетите ’20-ти“ беа американски феномен, зачуван доследно во „Големиот Гетсби“ на Фицџералд. И не е само Лореал со вакви фини предвидувања - и Ендру Бејли, гувернерот на Bank of England предвидуваше дека луѓето ќе се опуштат кога ќе заврши вакцинацијата и економиите ќе можат одново да се отворат со трошењето на заштедени пари.

Инаку, додека социјалните животи седеа во чекална, козметичките компании ќарија на новата побарувачка - еквивалентот на опуштена облека за по дома, како лосиони, креми за лице и други производи за нега на кожа.

19 февруари 2021 - 10:51