- Владата прогласи кризна состојба од 30 дена на целата територија на Македонија поради зголемената појава на пожари.
- „Ова на терен значи дека се овозможува интегриран пристап и координирано дејствување на сите надлежни институции - Армијата, полицијата, сите противпожарни единици, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување и локалните самоуправи. Ќе се мобилизираат сите човечки, технички, логистички и други ресурси“, изјави портпаролката Марија Митева.
- Владата ќе обезбеди помош за сите засегнати подрачја за да се спречат поголеми последици. Ги повика граѓаните да бидат максимално внимателни и да ги почитуваат сите препораки и забрани.
- До 12.30 часот имало 9 активни и еден локализиран пожар на отворено, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
- Србија и Босна и Херцеговина се меѓу 14-те избрани земји на кои претседателот Доналд Трамп од 1 август им воведува значително повисоки тарифи за увоз на производи. Србија е погодена со царина од 35%, а Босна и Херцеговина со 30%.
- Тарифите за другите земји се во рангот од 25% за увоз на стоки од Јапонија, Јужна Кореја, Малезија, Казахстан и Тунис, 30% за Јужна Африка, 32% за Индонезија, 35% за Бангладеш, 36% за Камбоџа и Тајланд и 40% за Лаос и Мјамнар.
- Во писмата што им ги испратил на претседателите Трамп ги известува дека „новите царини биле неопходни за да се корегираат трговските дефицити на САД“. Ги предупредува дека на секое нивно зголемување на царините САД реципрочно ќе одговорат, а при отстранување на царинските и регулаторните бариери „можеби“ ќе разгледаат намалување.
- Белата куќа објави дека до крајот на неделата ќе бидат испратени писма со идентична содржина, но со различен процент на тарифи и до други земји.