- Пакувајќи го во речник на рекетар почетник Таравари деновиве порача дека Албанците при крај се со нервите околу преговорите со ЕУ, па ако таму не мрднат работите „ќе се појават нови идеи за реорганизација на државата.“
- Во интервјуто за ТВ Шења лидерот на идниот владин коалиционен партнер вели: „Може да пораснат фрустрации и кај Албанците и може да се појават нови идеи за реорганизација на државата. Ќе влеземе во зачарен круг од кој нема излез“.
- Таравари, денешната ситуација ја споредува со НАТО самитот во 2008, кога влезот на Македонија во Алијансата беше блокиран од грчко вето заради грчкото инсистирање да го смениме името.
- Во државата што сака да ја распаѓа Таравари до сега го има завршено целото свое образование, работеше како доктор, ја водеше Клиниката за неврологија, беше министер за здравство во владата на Заев, а сега е актуелен градоначалник на Гостивар.
- Во 2025 година имало 2.465 напади од омраза кон христијани во Европа, покажува новиот извештај на Опсерваторијата за нетолеранција и дискриминација OIDAC. Тоа е зголемување од 11,5% во споредба со претходната година.
- Имало 395 напади или закани на верска основа насочени кон поединци, за разлика од 274 во претходната година.
- Во Франција се регистрирани 843 напади, во Англија и Велс 624, во Германија 337 и во Австрија 134.
- Во Лион во септември 2025 година пред својот дом бил избоден до смрт Ашур Сарнаја, 45-годишен асирски христијанин со попреченост, кој веќе избегал од исламистички прогон во Ирак. Властите потврдија дека нападот бил поттикнат од радикална џихадистичка идеологија.
- Во светот христијаните се најзагрозени во Нигерија. Локалната невладина организација Intersociety документирала дека само во првите осум месеци џихадисти убиле 3.038 христијани и киднапирале 3.193.
- На едно место ги собираат и средуваат линковите од стари македонски емисии, серии и телевизиски прилози кои се расфрлани по Јутјуб и социјалните мрежи.
- Архивата во моментов има околу 3.000 записи. Меѓу нив се прилог за Скопје со Кензо Танге од 1973 година, ТВ-филмот „Томе од бензинската пумпа“, има цели емисии и филмови, но и кратки прилози и извадоци што сами по себе бележат некој момент од животот на градот или од домашната телевизиска продукција.
- Снимките се подредени по деценија и година. Секоја година има своја VHS касета, а со клик на неа се отвора списокот со снимки. За оние што сакаат да разгледуваат по жанр, има одделни полици за филмови, серии, документарци и музика на ТВ.