- Со пресуда на 68 страници, Апелацискиот суд во Кожани, Грција, реши да ја поништи регистрацијата на Центарот за македонски јазик.
- Претходно (март, 2023) судот во Лерин ја потврди законитоста на регистрацијата на оваа невладина организација но сега тоа е поништено со одлукатата на регионалната Апелација.
- Регистрацијата на центарот своевремено беше гласно славена како плод на договорот од Преспа.
- „Преспанскиот договор ја обврзува Грција да признае македонски идентитет и македонски јазик единствено на територијата на Р. Македонија, но не и на нејзината територија. Од друга страна, на Р. Македонија со договорот ѝ е забрането да интервенира по прашања за македонско етничко малцинство во Грција. Оттука, Грција е свесна дека не го прекршува договорот, бидејќи вториот потписник, Р. Македонија, не може конкретно да реагира за работи од внатрешни прашања во Грција“, се вели во рекцијата на историчарот Димитар Љоровски Вамваковски
- Холандија побарала пауза на процесите за интеграција на Црна Гора во Европската Унија укажувајќи на потребата од „дополнителна анализа и поконзистентна примена на сите утврдени стандарди“.
- На ова барање се придружиле и Хрватска, Естонија, Литванија и Летонија. Инсистираат на темелна проверка на исполнетоста на клучните критериуми пред да се донесат какви било нови одлуки на европско ниво.
- „Она што сега изгледа сигурно е дека нема да се затворат поглавја на маргините на состанокот на Советот на ЕУ овој месец, спротивно на претходните очекувања и најави“, заклучува подгоричкиот весник „Дан“.
- Црна Гора досега има затворено 18 од 33-те преговарачки поглавја. Хрватска го блокираше Поглавјето 14, кое се однесува на транспортната политика. Веќе две години е блокирано Поглавјето 31 – кое ја опфаќа надворешната, безбедносната и одбранбената политика.
- Поради преполнетост на затворските капацитети, Финска бара правна рамка за да префрла осудени криминалци да ја отслужуваат казната во странство. Тоа подразбира и странските затвореници да бидат префрлени во ќелии во нивните матични земји.
- Хелсинки ги разгледува опциите на Шведска - која од август почна да префрла свои осуденици во затвор во естонскиот град Тарту, или на Данска - која во десетогишен договор од 210 милиони со Косово изнајми 300 ќелии во затворот во Гњилане.
- Според податоци на Службата за затвори и условна слобода, во Финска има околу 3.900 затвореници, од кои 950 се странски државјани.
- Бројот на странски затвореници е зголемен за 76% изминатата деценија, а бројот на фински затвореници во истиот период е намален.
- Најголем дел од странските затвореници отслужуваат казни за кривични дела поврзани со дрога (49%), за сексуални престапи (21%) и за убиства (10%).