- Српскиот претседател Александар Вучиќ ги отфрли обвинувањата дека бил вмешан во „Сараевското сафари“ и најави тужби против медиумите што го поврзуваат со пукањето врз жителите на опсадено Сараево за време на војната во Босна.
- До обвинителството во Милано, кое отвори истрага за случајот, хрватскиот новинар Домагој Маргетиќ поднесе документ во кој тврди дека и Вучиќ бил на локацијата од која богати странци од западните земји плаќале за да пукаат од снајпер врз сараевчани.
- „Никогаш не сум имал снајпер, не сум имал пушка“, изјави Вучиќ коментирајќи ја снимката што ја сподели Маргетиќ. Вучиќ објасни дека носел триножец за камера, бидејќи таму бил како новинар.
- Извештаите по медиумите за неговата наводна поврзаност со „Сараевското сафари“ ја оцени како кампања против него, и тоа во критично време за Србија, кога нафтената индустрија НИС е погодена од американски санкции.
- „Ќе поднесам тужби против оние што имаат многу пари, против Гардијан, Дејли Меил... Ќе ги ангажирам најдобрите адвокати. Нека земат процент од пресудата. Остатокот ќе го дадеме на незгрижени деца или на црквата“, изјави Вучиќ за Информер.
- Поранешниот француски премиер Никола Саркози го споделува своето кратко искуство зад решетки во книгата „Дневникот на затвореникот“.
- За 20-те дена што ги поминал во затворот Ла Санте, Саркози напишал мемоари од 216 страници, по 11 за секој ден.
- „Вревата, за жал е постојана“ и „затворот ја буди внатрешната цврстина кај мажот“, забележува Саркози, најавувајќи ја промоцијата на 10 декември.
- Саркози беше осуден на пет години затвор поради нелегално финансирање на својата претседателска кампања во 2007 година со пари од Либија. Тој веднаш се пожали на лоши услови во затворот и на „смртни закани“, поради што парискиот суд одобри да биде префрлен во домашен притвор, каде што ќе биде „побезбеден отколку во ќелијата“.
- За неговата жалба на пресудата од пет години затвор ќе се расправа пред надлежен суд во март идната година.