- „Драги пријатели, извојувавме многу голема победа. Толку голема, што може да се види и од Месечината, а и од Брисел“, рече унгарскиот премиер Виктор Орбан откако првите резултати покажаа дека неговата десничарска партија Фидес убедливо победи на парламентарните избори.
- „Морам секако да истакнам дека големите меѓународни организации беа против нас. Можеме само да им кажеме: секоја пара што ѝ ја дадовте на унгарската левица беа пари фрлени низ прозорец. Победата ќе се памети цел живот затоа што сега моравме да ги победиме најобединетите непријатели, левицата во земјата и левицата во странство, медиумите во странство, парите на Сорос, па дури и украинскиот претседател. Никогаш не сме имале толку многу непријатели. Но ги нема тие пари што можат да нѐ сопрат ако сме сложни!
- „Унгарија секогаш ќе биде прва за нас! Господ над нас, Унгарија пред сѐ, напред Унгарци!“, порача старо-новиот унгарски премиер.
- Актуелната претседателка Илијана Јотова и поранешниот премиер Андреј Ѓуров освоија најмногу гласови во првиот круг од изборите во Бугарија и ќе се соочат во вториот круг по една недела.
- Излезноста на гласачите во првиот круг била едвај над 22%, најниска од кои било избори по соборувањето на комунистичкиот режим. Досега во ниту еден прв круг не паднала под 40%.
- Јотова добила 34,7% од гласовите, а Ѓуров 32%. За победа во првиот круг им беа потребни 50% од гласовите, при одѕив од 50%. Во вториот круг нема праг за излезност, а победник е тој што ќе освои повеќе гласови.
- Јотова стана претседателка во јануари откако Румен Радев поднесе оставка за да настапи на парламентарните избори.
- Функцијата претседател е главно церемонијална, но вклучува овластувања за командување со вооружените сили, ставање вето на закони и именување преодни влади за време на политички кризи.
- Луиз Инасио Лула да Силва го освои и четвртиот претседателски мандат во Бразил по драматичен пресврт помеѓу двата круга од изборите. Со тесна разлика од 51,7% наспроти 48,2% од гласовите го победи Флавио Болсонаро – синот на затворениот поранешен претседател Жаир Болсонаро.
- Во првиот круг Флавио Болсонаро победи со разлика од 2% и предизборните анкети укажуваа дека ќе ја задржи предноста. Откако Бразил ја отфрли диктатурата, ниту еден кандидат кој губел во првиот изборен круг не станал претседател.
- Болсонаро не го призна поразот поради одлуката на Врховниот суд на денот на изборите да го продолжи гласањето за два часа, наводно поради проблеми со јавниот превоз во неколку сојузни држави. Одлуката ја донел судија во Врховниот суд кој порано му бил личен адвокат на Лула.
- Левичарот Лула во кампањата ветуваше отпишување долгови, бесплатен јавен превоз за време на викендите и финансиска помош за студенти од сиромашни семејства. Противниците го обвинија дека купува гласови, бидејќи ветените мерки финансиски ќе го осакатат Бразил.