- Британија ќе ја засили борбата против криминалните мрежи низ Западен Балкан што организираат нелегална миграција, најави премиерот Кир Стармер спроти својата прва посета на Албанија.
- Во 2022 година Албанците беа најголемата група што доаѓаа во Британија со чамци преку Ламанш. Нивниот број се намали по договорот за депортација што со Тирана го склучи претходната конзервативна влада.
- Стармер во Тирана ќе објави мерки што би ги спречиле депортирани албанските државјани да се враќаат во Британија и за елиминирање на перењето пари меѓу двете држави. На Албанија ќе ѝ донира две машини за откривање фалсификувани пасоши и други документи.
- Британија ќе ја прошири во Македонија и во Црна Гора својата работна група за миграција, во која веќе се Албанија и Косово.
- Концентрацијата на богатството кај мала група луѓе во 27 земји од светот го надминала нивото во кое 0,1% од возрасната популација поседуваат повеќе од најсиромашните 80% од жителите.
- Јазот е најдлабок во Русија, а најмалку е изразен во Словачка.
- Македонија според оваа класификација е меѓу земјите со порамномерна распределба на богатството.
- Јужна Африка нуди впечатлив пример за тоа колку можат да бидат трајни овие разлики. Студија што го опфаќа периодот од 1993 до 2017 година покажа дека немало трајно намалување на нееднаквоста во богатството по крајот на апартхејдот.
- Разговорите на администрацијата на Трамп со Русија за крај на војната во Украина се проширија со нафтен договор вреден повеќе милијарди долари, од кој би профитирале деловни луѓе од Блискиот Исток поврзани со двајцата главни американски преговарачи, Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
- Договорот се однесува на голем број нафтени полиња, рафинерии и бензински пумпи ширум светот во сопственост на „Лукоил“, една од најголемите руски енергетски компании.
- Откако администрацијата на Трамп лани воведе санкции против „Лукоил“, компанијата реши да го продаде својот имот во странство. Министерството за финансии на САД дисквалификува неколку потенцијални купувачи на „Лукоил“.
- Сега е договорено имотот да биде продаден на група во која учествува инвеститорот Тод Боли, кој донирал 2 милиони долари за политичките цели на претседателот Трамп, на две групи од Блискиот Исток кои соработувале со Кушнер или Виткоф, како и еден огранок на американската влада.
- На средбата со Виткоф и Кушнер во Кремљ на 5 септември, Путин предложил договорот да се реализира „како начин да им се покаже на Русите дека можат да соработуваат со САД“. Виткоф и Кушнер имале директна улога во преговарањето за финансиските услови, за да се обезбеди „значителна авансна исплата и удел за САД во добивката“, пишува Њујорк тајмс.