- ВМРО-ДПМНЕ тврди дека по грешката со знамињата директорот на протоколот на министерството за надворешни работи ќе стане македонски амбасадор во Москва.
- За време на посетата на Македонија, словенечката министерка за надворешни работи беше пречекана со словачко знаме.
- Не се утврди дали грешката е затоа што некој не ја разбира разликата меѓу „Словенија“ и „Словачка“ или ги има помешано грбовите што се на знамињата (на словенечкото е Триглав, на словачкото e двоен крст).
- По резилот што го изедовме, Османи изјави: „Директорот на протоколот поднесе оставка, иако немаше никаква директна одговорност, која ја прифатив. Грешката е на други луѓе, но поради морална одговорност поднесе оставка, а работеше една година.“
- Директорката на српската државна радио-телевизија, Мања Грчиќ, поднесе оставка на функцијата по победата на Студентската листа на парламентарните избори.
- На средба со претставници на синдикатот изјавила дека е свесна дека кај дел од јавноста, нејзиното останување на функцијата се смета за „пречка за промени“. Пред да замине од РТС, ја смени главната уредничка на Информативната програма, Бојана Младеновиќ.
- Претходно претставникот на Студентската листа, Немања Каровиќ, гостувајќи на РТС го обвини раководството на државниот радио-дифузен сервис за долгогодишно пристрасно известување, отворено фаворизирање на владата на Александар Вучиќ и за „сервилен став кон режимот“.
- Радио-телевизија Војводина, пак, ја почна својата централна информативна емисија со извинување до гледачите поради „долгогодишните пропусти во известувањето“.
- „Јавниот сервис со години не ја исполнуваше својата функција. Се премолчуваше, се затвораа очите пред одредени појави, се известуваше еднострано и некритички, а вистинските прашања не се поставуваа или воопшто ги немаше. Поради тоа, им должиме извинување на гледачите“, прочита водителот.