- Полицијата го ослободи Никола Николовски кој беше приведен како осомничен за лажните пријави за бомби во средните училишта во Скопје.
- На полицијата ѝ биле потребни 10 часови испрашување за да сфатат дека некој друг го оставил неговото име и телефонскиот број на меиловите на кои се предупредува за поставени бомби во школите.
- „Ова е класичен напад врз слободата на говор, демократијата и начин како да се притиснат неистомислениците. Но, слободната мисла секогаш на крајот победува, па затоа ќе се погрижиме овој настан да биде целосно расветлен пред органите“, велат од платформата чиј активист бил Николовски.
- Владата на Еди Рама воведе парични казни до 500.000 леки (околу 5.500 евра) за луѓе што учествуваат на насилни протести во Албанија.
- Сумата е приближно шест просечни плати. Казната ќе важи за сите демонстранти, без оглед дали лично биле вклучени во насилства. Лица што го кријат идентитетот се соочуваат со казни од 10.000 до 100.000 леки.
- Албанци од мај демонстрираат во Тирана против проектот за изградба на комплекс со луксузни хотели во природен резерват. Во компанијата вклучена во проектот учествува и Џаред Кушнер, зетот на Доналд Трамп.
- Кон средината на октомври, протестите се проширија со студентски барања поврзани со корупцијата, проблемите во здравствениот систем и недостатокот на перспективи за младите.
- Во изминатите денови имаше и жестоки судири на демонстрантите со полицијата во Тирана.
- По реакција на Германија и други членки, ЕУ се откажа од планот Канада да добие статус на „придружна членка“ на Европската Унија.
- Во нацрт-текстот на изјавата што ќе биде објавена на крајот од самитот Канада-ЕУ во Монтреал, изразот „придружно членство“ е заменет со „сè поблиска асоцијација“.
- Германија реагирала дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, не се консултирала со членките пред да ја претстави идејата во своето годишно обраќање во септември. Резервираност изразиле и Франција, Италија и Грција.
- „Се чини дека никој не бил консултиран за придружно членство освен нејзиниот најблизок персонал. Многу земји-членки, вклучително и Германија, не беа задоволни“, изјави дипломат од Брисел.