Вести › Набрзинка
Трамп ќе разговара со Зеленски и Путин само за конечен договор
- Трамп го испраќа емисарот Стив Виткоф идната недела во Москва, а армискиот секретар Ден Дрискол во Киев за да ги разработат последните отворени точки од мировниот план за крај на војната во Украина.
- „Во изминатата недела мојот тим направи огромен напредок за да заврши војната помеѓу Русија и Украина. Оригиналниот план се доработува со забелешки од двете страни и преостануваат само неколку точки на несогласување. Се надевам дека ќе се сретнам со претседателот Зеленски и со претседателот Путин наскоро, но само кога договорот за крај на оваа војна ќе биде конечен или во завршна фаза“, изјави Трамп.
- Трамп го опиша оригиналниот американски предлог од 28 точки како „концепт“, а не како план. По американско-украинските разговори во Женева, новата верзија на документот е скратена на 19 точки.
- Зеленски изрази надеж дека ќе се сретне со Трамп во Мар-а-Лаго на Денот на благодарноста, но по изјавата на Трамп тоа е малку веројатно. Зеленски инсистира во преговорите да бидат вклучени и европските сојузници на Киев, кои не отстапуваат од намерата да испратат мировни сили во Украина за да го гарантираат примирјето. Тоа Москва категорично го отфрла.
Украина ја прифатила „суштината“ на мировниот план на Трамп
-
По медиумските извештаи дека Украина се согласила со мировниот предлог на САД, украински функционер потврди за Ројтерс дека Киев „ја поддржува суштината на мировниот договор“ постигнат на разговорите меѓу САД и Украина во Женева минатиот викенд.
-
„Украинците се согласија на мировен договор. Остануваат уште неколку ситни детали, но се согласија“, рекол американски функционер.
-
Едно „но“: Зеленски напиша дека „има уште многу работа.“
-
Уште едно, поголемо „но“: Москва порача дека може да го отфрли ревидираниот мировен план на САД за прекин на војната во Украина доколку тој не ги исполни клучните барања на Владимир Путин. Лавров изјави дека „ситуацијата ќе биде сосема поинаква“ доколку новиот предлог се разликува од договорот постигнат од Путин и Доналд Трамп на самитот во Алјаска.
Види:
САД го скратија мировниот план на 19 точки, поприфатливи за Киев