- Нордистанското пучанство експертски се трансформира како оние трансфореми што од камиони стануваат роботи. До вчера им се восхитував на експертизите за царински политики, а веќе денес сум опкружен со врвни теолози и биографи на папата Франциск, Бог да го прости.
- Mногу експерти верници им се налутија на атеисти, кои имаа да кажат убави зборови за упокоениот папа, затоа што тој крена глас против нееднаквоста, сиромаштијата, геноцидите, војната. Истите тие експерти верници најчесто им се лутат и на своите свештеници, откако од пазар ќе се бапнат на литургија, да запалат свеќа, да ја измачкаат иконата на Пресвета Богородица со десетденарка, па да разврзат комшиски муабети со оние другите, кои од пазар се бапнале на литургија и откако свештеникот ќе им посочи дека храмот не е автобуска станица, лути излегуваат надвор за меѓу себе да споделат експертиза од типот, а бе го знам јас тој поп што мустра е, жена ми го знае неговиот втор братучед, едно ѓубре од човек што просто ми е срам да… и така натаму.
- За да биде бељата поголема, папата Франциск почина на Велигден, па освен теолошки експерти се јавија и оние за божествена идеологија. Левичари рипнаа да ни објаснат дека Исус бил левичар и социјалист, на што дотрчаа десничари за да докажат дека Месијата отсекогаш бил демохристијанин. Мене само ми се појави сликата на која лево и десно од Господа на крстот, распнати се разбојници.
- Интернет-компанијата Јаху би го купила браусерот Хром, ако федерален суд му наложи на Гугл да го продаде за да нема монополска позиција на пазарот за пребарување содржини.
- „Хром е веројатно најважниот стратегиски играч во мрежата. Ние би биле во позиција да го купиме“, изјави Брајан Провост, главен директор на пребарувачот на Јаху. Тој ја процени вредноста на Хром на „неколку десетици“ милијарди долари.
- По ланската судска пресуда дека Гугл нелегално го монополизирал пазарот на пребарувачи, се води судски процес за начините како да му се разбие монополската позиција. Министерството за правда и неколку сојузни држави бараат да му се нареди на Гугл да го продаде Хром.
- Компанијата Аполо, која го купи Јаху, настојува да го ревитализира како најпопуларен пребарувач, позиција што ја изгуби од Гугл пред две децении. Јаху развива нов браусер, но поефикасно би било да преземе готов и докажан производ.
- За купување на Хром отворено е заинтересиран и Опен АИ.