Владата на Кир Стармер ја прогласи иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) за закана за националната безбедност на Британија.
Новиот статус им овозможува на британските власти кривично да гонат лица обвинети за изразување позитивен став, поддржување или промовирање на Револуционерната гарда, за што е предвидена максимална казна до 14 години затвор. За случаи на шпионажа или саботажа, предвидена е и доживотна робија.
За национална закана се прогласени и иранското исламско движење ИМЦР, кое презеде одговорност за антисемитски напади во Британија, и доброволниот корпус на руската воена служба за разузнавање ГРУ, кој се смета одговорен за нападот со отровот „новичок“ во Солсбери во 2018 година.
Полицијата и обвинителствата ќе имаат пошироки овластувања при гонењето на припадници од овие групи.
Европската Унија во јануари ја прогласи иранската Револуционерна гарда за терористичка организација. Како одговор, Техеран ги прогласи за терористички војските на сите членки на ЕУ.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.