- Исламската Република Иран сега ги смета за „терористички“ војските на сите членки на Европската Унија, како реципрочен одговор откако ЕУ ја прогласи иранската Револуционерна гарда за терористичка група.
- „Со обидот да ја нападнат Гардата, која всушност е најголемата пречка за ширење на тероризмот во Европа, Европејците пукаа во себе. Преку слепа послушност кон Американците, донесоа одлука против интересите на сопствениот народ“, изјави претседателот на парламентот, Мохамед Багер Калибаф, кој порано беше командант на Револуционерната гарда.
- Како симболичен протест, сите пратеници на седницата биле облечени во униформи на Гардата.
- Министерството за надворешни работи објави дека ова е „минималната контрамерка“ на Техеран. Биле разгледани низа мерки и на надлежните тела им биле испратени предлози за одговор на „незаконскиот, неразумен и многу погрешен потег на ЕУ“.
- Портпаролот Есмаил Багеи додаде дека се повикани на разговор сите амбасадори на ЕУ во Техеран.
- Најмалку 21 студент си го одзел животот во Индија, откако државниот приемен испит за медицина бил презакажан поради протекување на испитните прашања.
- Заради тој пропуст, речиси два милиона кандидати морале повторно да го полагаат испитот.
- Ваквиот трагичен епилог предизвика масовни протести поради кои оставка си поднесе министерот за образование Дармендра Прадан.
- „Да ги слушнеме младите пред да си го одземат животот,“ порачаа демонстрантите.
- Полскиот маратонски пливач Бартломеј Кубковски стана првиот човек во историјата што го препливал Балтичкото Море меѓу Шведска и Полска.
- Во неделата навечер, исцрпениот Кубковски исправен излегол на плажата во градот Ѓивнув, на полскиот северен брег, откако во петокот влегол во морето од Касеберга во Шведска.
- Растојанието од над 160 километри го пливал 56 часа. Не спиел и не го допрел чамецот од кој добивал храна и течности.
- Ова бил петтиот обид на Кубковски да го преплива Балтикот. За потфатот собра донации од над 715.000 злоти (166.000 евра) за лекување деца болни од рак.
- Во исто време, но по друга делница од 172 километри, од Шведска до Полска пливаше и Каролина Шчепањак, но мораше да се откаже по 58 часа во студеното море. Во својата кампања таа собра донации од 470.000 злоти за лекување на 14-годишно момче.