Трошоците на САД за војната во Иран достигнале 37,5 милијарди долари, изјави министерот за одбрана Пит Хегсет во сведочење пред Конгресот. Тоа се над 260 милиони долари на ден, откако војната почна на 28 февруари.
Извори на CBS укажуваат дека цената на војната е всушност многу повисока, бидејќи во сумата што ја спомнал Хегсет не е вклучена штетата што иранските ракети ја предизвикале врз американските воени бази во регионот.
Администрацијата на Трамп побара од Конгресот дополнителен фонд од 67 милијарди долари за покривање на трошоците од војната и за обнова на клучните воени залихи. Ова вклучува и 21 милијарда долари за борбена готовност и замена на воената опрема.
На прашањата дали САД ги исполниле целите на војната и попрецизно дали го спречиле Иран да ја обнови својата нуклеарна програма, Хегсет призна дека „некои ирански балистички проектили ги преживеале бомбардирањата затоа што биле префрлени во длабоки бункери“.