Порано го мразев мамурлукот. До креветот си чував сè, од банани до прирачник за инстант расол. Кога ќе се вратев дома ноќе се полнев со течности, на секој начин обидувајќи се да ја одложам судбината. Сепак секое утро се будев мамурен. Огреан од утринското сонце, сакајќи да умрам, го нудев моето детско ветување: никогаш нема веќе да го сторам ова, ако направиш помалку да боли.
Ама ова се промени кога објавив книга („Се извинувам што одгледав срамежлив син", збирка есеи од март 2015), по што поминав неколку месеци на промотивна тура, патувајќи на чудни места, застанувајќи пред чудни луѓе, читајќи го истиот пасус одновно и одново, додека веќе не можев да ги препознаам зборовите. Секоја вечер бев „друштвен пијач", и тогаш почнав да се прашувам дали мамурлакот, и покрај тоа што е непријатен, можеби има некаква вредност. Почнав да верувам дека има и нешто повеќе отколку пеколниот јин, спореден со пријатниот алкохолен јанг.
Постигнувањето мамурлук е брз, едноставен начин да избегаш од реалноста. Сабајлето ти бучи во главата, а устата ти има вкус на пустина. Ама она што го сфатив е дека овие физички маки поттикнуваат метафизички интроспекции.
На пример: физички, еден нерв предизвикува мојот лев очен капак неконтролирано да се мрда, а целиот череп го чувствувам како да ми е испразнет со голема црпалка за сладолед. Сепак, метафизички, прилично сум сигурен дека душата ми е „излупена". Мојата мамурна личност е бестежинска, во смисла на тоа дека она што вообичаено ме држи на купче е ослободено од пранги. Во ваква состојба се чувствувам како да можам да го третирам моето тело како лушпа.
Дали некогаш сте копнееле да го видите вашиот живот низ свежа перспектива? Да го процените од различна гледна точка? Затоа што токму ова можете да го постигнете мамурни. Иако можеби физички сте неспособни за што и да е, ова ви е шанса да се чувствувате ослободени од сегашноста, од стравот дека нешто пропуштате. Буквално сте надвор од сè. Не ви е битно дали некому му се допаѓате, ниту пак морате да бидете фини. Вашите проблеми не звучат како „ваши", туку како проблеми на некој друг, некој за кого не ви е баш гајле и кого не сакате во моментот да го слушате. Ова е состојба во која на сите ваши перцепции и асоцијации им е дозволено да се ѕенѕаат и да талкаат, затоа што манијакот на вратата (вашата дискреција) минатата вечер се одјавил и зел слободен ден.
Најубав е следниот ден по оној мамурниот. Тогаш ги цениш сонцето и твојот чист ум онака како што не си ги ценел последен пат кога си се разбудил немамурен. Дали ова ќе трае? Секако не. Но барем еден ден сум благодарен. Откако сум си го видел гробот, ја тргам настрана мојата надгробна плоча.
Автор: Кент Расел