Готовите лиснати теста се измислени во рајот. Како мајсторски знаат да ‘изгасат пожар’, тоа е чудо. Особено во мрзливи и супер мамурни недели, но и у тек на работна недела. Кога и да се спомне лиснато тесто или пециво, мене ми текнува на овој виц кога пијан дечко после град влага во бурекџилница и прашува шо има. Бурекџијата му одговата дека останале само лиснати со шунка. Дечкото вика дека претходниот викенд јадел такви и прашува каде ја чуваат шунката. Бурекџијата одговара дека ја чуваат у фрижидер, фала богу. А дечкото на тоа му сугерира дека можеле малце да стаат и у лиснатото.
И после овој ‘служев војска у Ниш, имам пиено пиво со Неша-Галија’ виц, мислам дека треба да го катнеме крепот и да почнеме со инструкциите:
Обессемени маслинки, црни и зелени. Ги сецкаме на ситни парченца. Ги зачинуваме со многу оригано. Потоа вадиме една коцка сирење и со раце ја раздробуваме на мали груткички како урда. Филот од сирење и маслинки го распоредуваме врз горната половина од парче лисната кора во големина на WELCOME куќен праг.
Го го покриваме филот со останатиот дел од лиснатото, кротко и лефтерно како пијан матурант со прекривка од реномираниот локален бренд ‘Фротирка’ – Делчево.
Со вилушка ‘штепуваме’ по споените краеви од лиснатото притоа правејќи едноставен дезен.
Матиме едно јајце како за кајгана и со кујнска четка ги изразуваме нашите пост-експресионистички вештини. Ја бојадисуваме целата површина од тестото. Може одозгора да фрлите малку сусам, или афионско семе, ким, кортни или некоја друга гума за пливање од семејството Кардашијанови. Но, да не прекардашуваме.
Рерниславољуб на 200 по Целзиусче, печеме 20-тина минути. Ќе видите како тестото почнува да руменее и да ги добива тие секси крцкави бобици. Додека питата се пече, со мала и едноставна интервенција разбиваме монотонија на нашата павлака која е вечен Санчо Панса на лиснатите Дон Кихоти.
Имено и презимено, сецкаме грст свеж копар и власец, или ‘чивз’ шо би рекол еден наш ужасен политичар по потекло од галичките ридишта, шо наводно слуша џез и малтретира жени. Власецот го има во себе тој кромидски вајб, дава посебен шмек на млечната убавица, особено во комбинација со копарот. Може да прснете и малце сок од лимон, а и не морате.
Питата испечена, кујната мириса на Зајон, комшиите веќе пукаат од љубомора, ви вадат верзии, оговараат, ви ја колнат козата. Како прави кубисти, сецкаме на коцки и послужуваме со павлака.
Лесен, чесен но сепак бесен и пред è интересен оброк.
Кирил Стоименов - фан на Ваљадолид