
Додека го спремав рецептов, зјапав у тенџерето и оно зјапаше у мене. Зјапање alla Ниче со амбисот. Што побогу да напишам за ова? Како да го срочам текстот? Од каде да почнам? И така, буричкајќи на автопилот по тавите, тенџерињата, ринглите и чиниите, наеднаеш добив епифаничен шамар од универзумот и ми светна сијаличката (за резерва) како на Том и Џери: сè околу мене, од обликот на ринглата па до формата на буквата О - на којашто, патем, започнуваат имињата на двете најважни компоненти за овој рецепт - има некоја кружна форма.
Почнав да контемплирам за тоа колку сме всушност опседнати и природно поврзани со кругот. Кругот е прапочетокот, визуелен код за совршена геометрија која нè прогонува откако знаеме за себе. Најсуштинските, најкруцијалните нешта во овој универзум ја носат токму таа форма - од окото со кое го набљудуваме светот, па до џиновските планети што лебдат во бескрајот. Универзумот функционира во прецизни циклуси. Тоа е гностичкиот концепт на Уроборос (Ouroboros): гладната змија што практикува балканска диета - се јаде самата себе! Сигурно сте ја забележале по разни илустрации, станува збор за змијата што си ја гризе сопствената опашка, потсетувајќи нè дека секој крај е само маскиран нов почеток.
Ние воопшто не се движиме по права линија туку циклично се враќаме кон изворот. Дури и со храната, кога ќе седнеме пред тркалезната чинија, ние несвесно учествуваме во тој космички ритуал на спојување на почетокот и крајот. Денешниот оброк е медитација на тема О: спој меѓу две намирници кои го носат овој тивок печат: нежниот, бел Ослиќ и шпицастите зрна Орзо. Оваа паста создава совршено, циклично текстурално платно на кое рибата ја раскажува својата длабока приказна, докажувајќи дека хаваријата во кујната секогаш се смирува кога работите ќе се затворат во совршен круг.
Намирници:
Главни протагонисти:
- 500г свежи филети од ослиќ
- 200г орзо паста
Свеж колорит (За базата на орзото):
- 1 среден домат
- 1 помала зелена пиперка
- Ситно исечкана главица црвен кромид, исечен на тенки, прецизни полукругови
- Свеж магдонос, ситно сечкан
Прелив и ароматична инфузија:
- Маслиново масло
- Лут буковец
- Оригано
- Сол и свежо мелен црн бибер
- Лимонов сок за финална свежина
Постапка:

Земете го садот за печење, обложете го со хартија и убаво наредете ги филетите ослиќ. Филетите домаќински зачинете ги со сол, црн бибер, лут буковец и малку лук во прав или мешавина од суви зачини. Оставете ги настрана да ги впијат аромите пред да заминат во загреана рерна на 150°C околу 15 минути, додека не добијат нежна, златна боја и крцкави рабови.

Додека рибата се пече, посветете се на даската за сечкање. Земете ги доматот, пиперката, црвениот кромид и магдоносот. Исечкајте ги педантно. Овој свеж зеленчуков мозаик ќе го разбуди орзото со својата крцкавост и киселост.

Во длабоко тенџере со зовриена и солена вода истурете ја орзо пастата. Варете ја според упатството на пакувањето. Кога е готово, процедете го и тргнете го настрана.

Во мало чинивче, подгответе го ароматичниот прелив кој ќе ги поврзе сите елементи во едно. Измешајте квалитетно маслиново масло, сок од лимон, суво оригано, лут буковец и прстофат сол. Со малку матење направете компактен, пикантен сос.
Во подлабок сад за сервирање, измешајте го топлото орзо со претходно исечканите коцки домат, пиперка, црвен кромид и свежиот магдонос. Прелијте ја пастата со подготвената ароматична емулзија од маслиново масло и зачини за секое зрно да добие сјај и длабок вкус.
На средината на плитка тркалезна чинија, распоредете го шареното, зачинето орзо како основа. Врз него, нежно накрст поставете две печени, крцкави филети од ослиќ. Декорирајте го самиот центар со едно свежо гранче магдонос за да го заокружите визуелниот идентитет на јадењето.

Одлично Оперира со Огромни колични белО винО.
На здравје!
Кирил Стоименов - О, тешкотО