Една од многуте училишни трауми од детство ми е подвиткувањето учебници. Значи, не постои позалудна мисија: у такозвана ‘мрсна хартија‘ се обвиткуваа кориците, демек да се зачувале. Мене ме тераа сам да си ги подвиткувам. И покрај апсурдот на иницијална цел, ова испадна дека е добар психомоторички тренинг. Ете, вештината на виткање и подвиткување ми се најде во кујна. И у кофи-шоп, но тоа у друга прилика.
Според евангелието на Рон Свонсон - еден од најмоќните ликови напишани и изглумени во тв-шоу (провери Parks & Recreation и заблагодари ми се после), љубител на мастодонските стекови и сингл-молт скочовите, рибата спаѓа у зеленчуци. Но, овде ќе го парафразирам фамозниот Архимедов закон: “Секое тело завиткано во свинско, се претвора во магија и уопште не губи дел од својата тежина“.
Затоа денес виткаме лосос во пршута. Уз него припремаме скроз дрзок сос и печеме патлиџан на француски начин. Така да возрасни, дозволете ми:
Аххххх, пршута. Таа Клеопатра меѓу сушените меса. Кралица на кралиците. Во денешната епизода ќе ни послужи како ризла. Или коверт.
(Д)имено, ни требаат околу 150 грама од оваа т'нко сечена убавица. Редеме 2 реда по 4 парчиња со тоа што долниот ред ќе преклопува 30% од горниот. Оваа е нашата ‘мрсна хартија‘. Ваистину мрсна.
На средината од пршутестото пространство сместуваме 400-500 грама лосос. Овој трик функционира и со други видови риба, но лососот според мене е Мерцедес меѓу рибите. Многу лефтерно посолуваме затоа што пршутата е супер солена и додаваме црн пипер. Преклопување со пршутата од сите страни.
Тоа е тоа, репетитано и спремно за у рерна.
Пред да го пратиме на термо-обработка, во правоаголен калап вгнездуваме неколку гранчиња рузмарин. 4-5 патлиџани, ги сецкаме на кругови со дебелина од пола сантиметар. Ги редиме во калапот. Ги премачкуваме со маслиново масло во кое претходно додаваме 2 чешниња лук секцан на најситно шо може. Посолуваме, забиберуваме и додаваме свежи иглички рузмарин и една дланка лебни трошки. Заедно со лососот на идат у рерна загреана на 200⁰, 25-30 минути.
Во меѓувреме, сосот: 150 грама црни маслинки, 5-6 инчуни, капери, лук, 2 лажици сенф, малку маслиново и 30 мл. коњак или виски. Сѐ тоа топтан иде у блендер на масакрирање. Инчуаде/Аншуаде, молим лепо. Рустичен умами бакнеж.
Успат потпечуваме неколку кришки леб. Јас избрав арабјата. Потпечете било каков, освен од оние тост-адитивите, немој да кварите просек и да си ја расипувате петката.
Тоа е тоа. Рибата се топи под пршутестите закрила, доматот омекнал и ослободил нови вкусови, сосот блеска со својот металик сјај, лепчето крцкаво како бабин кук.
Пробајте, сетилата ќе ви бидат благодарни.
Кирил Стоименов - шампион против пршут