Ќебапишта

Лето е. Сладоледите искачаат како луди. Моментално се во центарот на вниманието и мубает не се прави со нив. Но, остајте ги, ќе дојде зима, ќе ги видиме тогаш. Него, нешто да ве прашам ако не е тајна: Сте пробале ли сладолед од мелено месо? Не, а? Епа добредојтовте во храна за возрасни, овде и нереалното го правиме реално.

Денес ќе припремаме ќебапи на стапче за ражнич, одличен повод за ставање гајба пиво да се лади во некоја река. Ќебапот како ќебап е бисер балкански. Тамаќарите од Европа коа дојдат во овие краишта, редовно се предозираат со нив. Еден холандски шеф-кујне од фајн-дајнинг ресторан ме праша шо било тајната на вкусот, он читал, истражувал, пробал да направи на неколку наврати, но никако не излегувале баш такви како шо ги кркал воо некоја далматинска биртија.

Малограѓанштина, му викам, тоа е тајната состојка. Смол ситизеншип. Ме гледа, ништо не му е јасно. Така и треба, нека цепат фрикандели и слични бенелуксовски ужаси, нека не се мешат у уметност. Обично Индијците го прават ќебапот на стапче, најчесто со јагнешко месо. Ние сеа ќе им ја позајмиме техниката, а ако нешто се противат, можеме да им ги испогребеме тоа точките по челата и да добиеме некој Форд Фокус.

Ајмо јунаци: Печестотини грама мелено месо, свинско und јунешко, рацио: фифти-фифти. Убацувание у длабок сад. Свеж магдонос и уште посвеж рузмарин, секцираме на ситно. Додаваме. Одозгора на тога, сол, бибер, лук у прав и црвен пипер. Тренинг за шепа, промешување со стискање едно добри 5 минути. Треба смесата да ја направите паштета. Под паштета мислам фина и хомогена. Стапчиња за ражњатовичи.

Земаме стисок од меленото месо и го накалемуваме околу стапчето. Притискаме од сите страни за се распореди рамномерно и добро да залепи. И така сè до крајот на месото. Пратете ги во фрижидер пола саат.

Во меѓувреме спремаме спектакуларен сос од свеж зеленчук: во длабок сад за печење сецкаме пиперки во разни бои, патлиџан, кромид, лук и бааги сол. Печеме на 225 степени 20-тина минути, за да омекне зеленчукот. Потоа со рачен блендер го усосуваме до посакуваната густина и текстура.

Ја намалуваме рерната на 200. По рабовите на истиот сад ги поставуваме ќебапиштата. Мрснинката од месото ќе капе во сосот како летен дождец во некое мало врело езерце. Поезии. Печеме уште 20-30 минути. 

Сочни ќебапи, тазе сос, ладни алкохолишта и слични хормони на среќа. Топнете си парче од месото во таа зеленчукова убавина и прекините да кукате и филозофирате околу смислата на животот. Не заборавајте: многу течности, од оние со 5% у најмала рака.

Кирил Стоименов - разубавувач на денови

21 август 2022 - 11:40