Со појавата на бодибилдерската и теретанската културна револуција, поттикната од онлајн инфлуенсерите кои стануваат секое сабајле у четири, лососот се издигна како неприкосновен супер херој на кујната. Овој избор, со своето скоро па совршено количество на протеини, владее во менито на секој што се смета за дел од велнес кланот. Осличот е одамна демоде, туната и сардините збунето гледаат од конзерва и не им се верува, гириците пливаат грбно во знак на протест. „Дајте ми лост и ќе ја поместам Земјата“ - Архимед „Дајте ми лосос и на бицепс ќе го препаркирам Југото“ - твојот маалски фитнес-инструктор. Ерата на протеинот блеска во полн сјај, и лососот е нејзин главен амбасадор.
Овој подводен протеински шампион го цепат за доручек, за ручек, за свечени вечери, без разлика дали е жив, полужив, сушен, димен или како и да го замислите. Шала на страна, кога е правилно подготвен, лососот знае да биде гастрономска сензација, деликатес што ги задоволува и најпребирливите непца. Јас лично му симнувам капа - особено кога е димен.
Димен лосос: подводен локум, дијамант меѓу рибите.
Денес ќе ви презентирам еден ресторански рецепт за тартар од димен лосос што го открив неодамна во една скандинавска кафана. Димен лосос по тартар техника – совршена комбинација на свежина и јаки димови (види „Антонио, јак Антонио“). За оние што се нови во тартар светот: класичниот тартар се прави со жив говедски стек, ситно сецкан и комбиниран со жива жолчка, капери, кромид, власец и Ворчестер сос (за кој никогаш нема да сме сигурни како точно се изговара). Димениот лосос е совршен кандидат за овој вид на подготовка, бидејќи технички, тој е жив, односно термички необработен, што му дава специфична текстура и вкус. За оние што преферираат вегански алтернативи, ќе го комбинирам со тартар од цвекло – еден неочекуван, но опасен спој. Време е за тартарација!
250 грама димен лосос, ја отвара играта по левата страна од даската за сечење. Го сецкаме на ситни баклавички.
По десната страна ги активираме следниве центарфори: кромид (или шалот или виолетов), капери, стебла од магдонос (при тоа ливчињата да не се фрлаат) сето тоа сецкано на најситно што може. Сетоа ова оди во сад со бибер, 2 лажици сенф со цели синапови зрна (може и обичен), малку маслиново, цела лимета и неколку капки Ворчестер сос. Ако немате да сте живи и здрави. Сол не додаваме, затоа што самата димена риба е доста солена. Промешуваме. Тоа е тоа.
Се префламе на веганската страна од теренот. 250 грама варено ем лупено свекло. Свежо, не ферментирано. Го сецкаме на ситни коцкички и го додаваме во длабок сад заедно со ливчиња од ситно сецкан магдонос, 2 лажици сенф, оригано, сол и бибер и многу сусам. Може жив, може и потпечен. Мешаме.
алап: ако имате кујнски калап во форма на цилиндер, сервирајте со него. Ако не, одиме на варијанта импровизирање: 30-ина сантиметри алуминиумска фолија, ја преклопуваме на 3 пати и ја калапиме со помош на ролна кујнска хартија.
Јас сервирав вака: 3-4 ленти краставица помината преку кујнска мандолина, зачинета со сол, бибер и балсамико крема. Врз краставиците го местиме калапот и внатре редиме слоеви од двата тартар миксови. Ѕидаме повеќекатница. Јас се одлучив на 4 ката, за да не испадне апла дивоградба. Прво цвекло, па лосос. Крунисуваме со магдонос во таванските соби и маслиново во градината. И така.
Ете ви одлична идеја за свечена вечера, рандеву, лежерно курчење, свој мерак. Плус одлично клиза со ракија. Извинете, со ракиИ.
Трицепс да ви се стори!
Кирил Стоименов - редовен изговарач на “може сè од салати”