Големата млечна лага

Време е јавно да ја разоткриеме, обелодениме, разголиме, демистифицираме а богами и детронизираме (Кирил Синонимов, мило ми е) една од најголемите кулинарски измами на модерното доба, која со децении ни се сервира како врвен гастрономски луксуз.

Зборувам за митот наречен „совршена Капрезе салата“.

Со години се преправавме дека сме фасцинирани од таа комбинација, додека во реалноста, евтината супермаркетска моцарела најчесто има вкус на влажно ништо и текстура на добро дизајниран гумен бомбон, такуѓере со вкус на ништо. Таа едноставно одбива да соработува на чинијата и виси како досаден, изолиран млечен блок, додека кутрите домати и босилекот прават сè што е во нивна моќ за да внесат малку живот и карактер во тој италијански класик.

Денес, официјално ставаме крај на оваа кулинарска претстава и ја разобличуваме големата млечна лага, со тоа што на моцарелата безмилосно ѝ го одземаме пасошот и укинуваме престојот. Наместо да го губиме времето во мачно сечење на лизгави гумени кругови, правиме тактички пресврт и на сцената го носиме котиџ сирењето/зрнесто сирење. Сега би прашале а зошто не со урда. Не дека би било погрешно, но дај конечно да разграничиме: Урдата и cottage cheese-от се слични млечни производи, но се добиваат на различен начин и затоа имаат различна текстура и вкус. Традиционалната урда најчесто се произведува од сурутка, односно течноста што останува по правењето сирење, па затоа е пофина и често малку посува. Cottage cheese-от, пак, се прави директно од млеко и се состои од препознатливи меки зрнца кои остануваат потопени во малку млечна течност. Поради тоа има посвежа, посочна и покремаста структура. Нам денес токму таа структура ни е потребна.

Магијата на овој пресврт е во тоа што котиџот не глуми недопирлива плишана ѕвезда туку веднаш почнува да ги впива соковите од доматите и маслиновото масло, создавајќи божествен, течен сос на самото дно на чинијата.

Да не губиме време:

Намирници:

  • 1 пакување (околу 200г) свежо котиџ сирење (Cottage Cheese)
  • 1 голем, зрел и сочен домат
  • Грст свежи листови босилек
  • Маслиново масло
  • Густ балсамико крем (во мојот случај со додаден вкус на смоква)
  • Сушено оригано и мелена хималајска сол

Постапка:

Подготовка на доматите:
Измијте го доматот и со остар нож исечете го на рамномерни, малку подебели кругови. Свежиот босилек исчистете го и одвојте ги најубавите, сочни зелени листови.

Поставување на кремастата база:
Отворете го котиџ сирењето и рамномерно распоредете го по целата површина на чинијата, формирајќи богат, рамен слој. Ова е камен темелникот кој целосно го менува искуството со секој залак.

Првиот бран арома:
Врз распруженото котиџ сирење рамномерно наросете мелена хималајска сол и сушено оригано, така што самата млечна база ќе ја прими билкината нота уште пред да ги додадете доматите.

Градење на спиралата: Врз зачинетата постела од сирење, почнете да ги редите круговите домат во спирална форма. Помеѓу секое парче домат пикнете по еден голем лист свеж босилек. Чинијата веднаш ќе светне во препознатливите медитерански бои.

Течниот печат:
Одозгора богато прелијте со млаз квалитетно маслиново масло, дозволувајќи му да се спои со природните сокови на доматот и да навлезе во порите на котиџ сирењето.

Финална уметничка саботажа:
Извлечете го балсамико кремот и со брзи, уметнички движења ишарајте ја салатата одозгора. Додадете уште еден свеж струк босилек во самата средина како финален печат на ова гастрономско ремек-дело.

Се послужува веднаш, со парче топол и крцкав леб, (или ладна ракија) за кој кремастиот сос од котиџ и балсамико би биле остварување на соништата. Моцарело, извини, и уживај во пензионерските денови!

Кирил Стоименов - обелоденувач и оцрноноќувач

27 јуни 2026 - 12:00