Чипс и крем од гриловани тиквици

Од шо си немав работа, си отворив 3 работи. Домашен чипс ќе праел он. Ама како викаше дедо ми: “Да беше инаетот пари, ја ќе бев милионер” (секој со својата криптовалута). Па така и ја - стиснав заби и машки го издржав потфатот наречен домашен чипс.

Првично требаше да правам само крем сос од тиквички. Планирав да го мачкам на потпечени кришки леб. И мир у куќа. Но во текот на вадењето на лебот, забележав дека на компирите веќе почнуваат да им раснат рогови. А храна фрлаат само фанови на Колдплеј. Ок, викам ќе ги испечам и нив заедно со тиквата. И тогаш во мојата тиква силно светна сијаличката и ми даде една брилијатна фикс идеа. Да направам чипс. Отсекогаш знам како се прави, никогаш не сум пробал. 100-тина ми Пик Чачака!!!

Се врткам како куче пред месара, не знам од каде да почнам. По 5-6 минутно троумење, набрзина ги сецкам тиквиците (два комада) и ги ставив да се печат на грил опција, на жлебовите директно под греачот. 6-7 минути, па ги промешуваме, па уште толку.

Во меѓувреме излупив компир. Ја оставив лушпата и потоа ги поминав на мандолината. Екстра сугестија: И компировата лушпа е одлична за чипс. Потоа круговите ги сместив во длабок сад полн со вода и лед. 10-тина минути колд-планч. Сега е модерно тоа. Вака ќе го испуштат скробот и подобро ќе се испечат. Старошколски трик. Има да искочат подобри од Принглс.

* Кога сме кај Принглс, мало интермецо: Покојниот стенд-ап комичар Мич Хедберг имаше многу царски бит којшто гласеше вака: Решиле овие од Принглс да отвораат фабрика за тениски топчиња. Но, по грешка стига камион со компир. Директорот рекол - Шо ги е*ам, ќе ги сечам!

Назад кај тиквицата. Ја вадам од рерна, тамански исончана и омекната и веднаш ја преместувам во блендер. Во истиот блендер додавам и неколку свежи листови босилек, 2-3 чешница лук, сол, бибер, една супена лажица таан паста и маслиново. Кремираме пола минути и исходот е супер кремаст сос. Овој крем-сос е универзалка. Може да го користите како намаз на леб, како дресинг за салата, како макало, како лепак за плочки и слично. Лоша шала, знам.

Пивотираме кон компирот. Круговите ги вадиме и ги сушиме со кујнска хартија. Што посуви, тоа подобро. Ги редиме на тепсија за печење, едно до друго и печеме 10-тина минути на 200 степени. И тука е сексот. Потребно е доста трпение, затоа што од половина кило компири ќе имате кругови за едно 5-6 тури печење. Значи редите, печете, вадете и така се до последната епизода. Но не грижете се, ќе се земат. Јас изгубив околу саат за половина кило компир.

Вредеше ли? Би рекол да. Добивате исто крцкаво задоволство, само не се осеќаат ураганите од масло, а и башка си зачинувате по свој вкус.

А најјакото следува на крај: брцате со чипсот во крем сосот и доживувате! Комбинацијата е закон! Може ли и со купечки чип? Може, сосот е доволно моќен да го камуфлира палминовото уље.

Пиво? 7 најмалку!

На здравје!

Кирил Стоименов - Угоен

2 ноември 2024 - 21:50