Во залезот на моите дваесетти, почнав особено да обрнувам внимание и да ги ценам деталите. Затоа што во нив лукаво се сокрил ѓаволот. А ѓаволот е ангел. Шо слуша Моторхед. За да ги препознаеш деталите, треба перманентно да поставуваш прашања. Едноставни прашањa од типот како, кога, колку, што и најбитното, ЗОШТО. Ова на рипит.
Прашањата ќе ве нурнат длабоко во суштината на нештата, а таму, во таа пријатно хаотична сфера ќе посведочите како информациите магично се претвораат во мудрости. Ќе бидете холисти кои им пристапуваат редукционистички на стварите. А кога ќе научите да се радувате на малите нешта, тогаш сте ја хакнале смислата на животот. И оттаму секој здив, чекор и потег имаат поента. Во главата свири некоја вонземна симфонија, заедничка химна на сите уни-мулти-микро-макроверзуми. Ментален ‘хај’ и телесно левитирање.
Е, токму во таквите моменти сецкате неколку парчиња од вашиот омилен леб и ги потпечувате на грил тава.
Печете по желба, сами сте си царови/царици на степенот на крцкавост.
Потоа во истата тава додавате сецкани шампињони. 350 грама. Уз нив 3 туфки рузмарин. Печете 4-5 минути и потоа ги потопувате во 100 милилитри бело. Вино. Не си играме со тешки дроги. Нека испари винцето.
На крај 4 полни лажици павлака. Високомаслена, како сметка за струја у 2022-ра. Промешуваме со цел да ни искочи прекрасно кремасто соединение. На крај магданос, за не-дај-боже.
Шампињоните ги укотвуваме врз лепчето, а врз нив парче пршута. Затвораме очи, гриц и „врзете се, полетуваме“!
Кирил Стоименов - јога инструктор за Б, плус приколка