Off Topic

Вака идните генерации ќе учат историја

И денес и отсекогаш историјата се учела полна со бројки, датуми, задолжително разликување „повод“ од „причина“... Доаѓаат генерации на кои сето тоа ќе треба да им биде дополнително преџвакано и кажано на начин кој ќе го разберат - визуелно и динамично. Еве ја лекцијата за Сараевскиот атентат и почетокот на Првата светска војна.

Кога стивнатите јагниња ќе преминат граница

Наш човек не може да не земе нешто храна за одмор ама двајца другари од Куршумлија ја однеле играта на друго ниво. Во Пефкохори решиле да земат јагне. Не сечено, транжирано, криено, туку цело, интегрално јагне. Приказната е со хепиенд, освен за нивните жени на кои после пет дена, и душата им мирисала на бачило.

Триесет и три правила, одбери барем некое

29. Не праќај гневна порака. Напиши ја, преспиј ја, избриши ја. 22. Исклучи ги сите нотификации освен оние на кои би реагирал и во три саат ноќе. 11. Научи се да кажеш „не знам“ без да се извинуваш. 8. Не се карај со некој кој ужива во карањето. 6. Имај еден пријател кој е 20 години постар од тебе и еден 20 години помлад од тебе.

Го знаете ли ефектот на Барбара Стрејсенд?

Во психологијата тоа се вика „психолошка реактанса“ - колку повеќе  притискаш нешто да се скрие, толку повеќе луѓето го бараат тоа. Како кога ќе ти кажат, „не гледај десно“ и одма ти допаѓа да погледнеш баш десно. Ако нешто сакате да тргнете од интернет, не ни помислувајте на тоа.

ТВ дуел какви веќе нема

Сакавме да пишеме да ја споредите луцидноста и досетливоста на гостите во оваа ТВ емисија од 1991 година со излижаниот шпил гости кои циркулираат на нашите телевизии, ама подобро немојте. Присутни се нашиот Циле и стариот Ѓилас но главните фајтери се новинарскиот булдожер Александар Тијаниќ и Иван Звонимир Чичак. Прво Тијаниќ доминира ама и Чичак ќе се соземе и ќе почне да враќа.  

Македонски колбас со ајвар

Јутјуб каналот 2 Guys & A Cooler (речиси 300.000 следачи) прават драгоцени туторијали за колбаси, салами, суво зреење месо и слични онтолошки теми. На ред им дошло да направат домашен македонски колбас (свинско и јагнешко) кој на крајот изгледа сочно и неодоливо. Имаат интересни финти иако некои детали не ни се најјасни, особено ајварот. 

Родителска победа

Како знаеш дека си успеал како родител? Кога сабајле вака изгледа носењето деца на училиште.

Интелигенцијата е преценета?

Се проценува дека Ајнштајн имал коефициент на интелигенција од 160, Мадона 140, а Џон Ф. Кенеди имал само 119. И ниту една од овие бројки не е пресудна за успехот.

Мјузиклот на Ван Гал

Тренерот, ем селектор, на некој прес пред новинарите. Интернет ентузијасти на некој програм за миксање пред компјутерот. Совршена комбинација.

Дечко на годината

Две работи за дечково. Под а. Нека не се надева дека ова некогаш во живот ќе му го заборави. Под б. нека не се надева дека ќе му даде барем до следното полуфинале во Лига на Шампиони.

Пицата што сакате да не ја сакате

Аплауз за Пица Хат, што успеаа да се надминат себе си и да го состават најодвратното брилијантно нешто на светот. Многу поделени чувства околу ова.

Брза на јазикот

ВИСТИНА е дека некои девојки треба да отворат уста за да видите дека можат да бидат змии. ЛАГА е дека додека го гледате клипов, нема барем еднаш да пробате колку може вашиот јазик.

Мајсторе, претна!

Низ Лас Вегас шпарта автобус што им запира на луѓе кои претерале со пиење и им нуди целосен третман за отрезнување: кислород, инфузија, витамински инекции, лажен повик од жена ти... Еве како изгледа внатре автобусот од ЈСП Мамурлук во кој не важи правилото да седне постариот (џабе ќе го барате наш Адо на сликите, тој е профи).

Проклета декаденција

Верувале или не, постојат држави кои имаат авиокомпании и во кои таквиот превоз станал толку вообичаен што кога некој патува, не му доаѓа цела уплакана фамилија да го испрати! Во таквите земји, почнале да се занимаваат и со тоа кои се најдобри а кои најлоши седишта во авионот (хинт: авион е тоа металното што лета). 

Бато, хтела сам спикати

Последен пат кога на сајт пишував за Калиопи, македонската дива ме тужеше. За да ја поштедиме нашата претставничка на Евровизија од можноста повторно да изгуби на сите можни судови во земјава, нејзината последна порака галантно ја пренесуваме без коментар. I agree?

Еден месец без шминка

Не само шминка, туку 30 дена со комплетна забрана на сите форми на женско тимарење: без креми против брчки, креми за очи, парфеми, депилација, фенирање, исправање на косата. Дозволено е само она што е потребно за најосновните хигиенски потреби. Госпоѓата е 39-годишна новинарка на Дејли Меил.

Виндоуз во живо

Како би изгледале нашите животи кога би биле потпрени на оперативниот систем на Бил Гејтс?

Маица за 2-ри мај

Ако сакате да друштвото да ве прогласи за цар, задолжително е да им упаднете со ваква маица. Кога по некое време ќе им ја покажете нејзината "втора фаза", автоматски се стекнувате со статус "Чак Норис на софрите".

7 пати Creep

На почетокот на април, Кери Манолакос, поранешна ѕвезда на Бродвеј и текстописец, го заврши концертот во Њујорк со Creep од Radiohead. Видеото некако стигна до Гавкер, кои нејзината верзија ја нарекоа "вознемирувачки добра." На повеќе, Кери и шест други преработки на Creep.

Работнички. Сексуални работнички.

Луиза и Мартине Фокенс се идентични близначки. Легенди во црвеното маало на Амстердам, со импресивен стаж од 40 години во областа на проституцијата. Две жени кои успеале да избегаат од теророт на подводачите, да отворат свој бордел и да основаат неформален синдикат кој ги штити колешките. Респект тетки!

Калимеро е машко

Никогаш не се залетувај по автобуси и девојки. За автобусите, другпат.

Татко фотограф

Џејсон Ли е фотограф кој парите ги вади од сликање венчавки и невести пред свадба. Џејсон има и две ќерки. Кога не можел да ги однесе ќерките да ја видат мајка му (која била дијагностицирана со рак), Џејсон почнал да ги слика малите. И уште не престанал.

Заразно преправање

Тоа што дечкото се преправа дека умирa од смеење нема да ве спаси да не се заразите. Ако е се во ред со вас. Ставајте на рингтон или аларм, нема шанси да не ви биде подобро.

Кога ќе налетате на работа

Силни сте, цврсти, сте научиле да покажете и рогови ако треба. Но, еден ден сфаќате дека се наоѓате на погрешната страна на животот. На спротивната е сè што посакувате: забава, пријатели, љубов, секс, слобода. Се затрчувате и... наидува вашата работа.

12 г. во 2 м.

Првите 12 години од животот на ќерката, спакувани во 2,45 минути. Да прашате кој било родител, ќе ви рече: Долго е ова, мене побрзо ми летна времето.

Свадбени танци и ора

Не, не баш. Оваа компилација од стотина весели свадбени кореографии е кога ќе дојде време за музика "за младите". Пајдушко и онака сите знаеме.

Златни јајца

Така се вика квизот а целта му е ја тестира човековата лакомост или подготвеност да му верува на противникот. Овде имаме една тотално луда завршница.

Појадок за шампиони

Пар згодни гаџети кои можат да го разубават најубавиот оброк на денот (заедно со ручекот, вечерата и сè што е помеѓу).