Три дена веќе спијам и никако да се доодморам од тоа Вегасот. Ме исцеди градот ме растури. Град кој што не сакам да ми биде роден, уште помалку редовен. Дрско и безобразно. Панаѓур од најлошата сорта, светла што очи бодат и декаденција од која може и да повратиш. Не знам од кај му мадиња на Хантер С. Томсон да трипа во оваа пустелија во целофан.
Двојната конференција BEA/NAB беше причината зошто се појавив во градов, инаку со задоволство доларите би ги трошел во некое друго место.... да речеме Њу Орлеанс. Сеедно, завршив тука, каде Стив Вознијак и Џејмс Камерон говореа [Вознијак го видов а за Камерон не се ни обидов] а преку 100.000 луѓе го посетија настанот кој беше искористен за супер силните брендови да се пофалат со најновите изуми. Саем на кој екстремно лесно можете да се загубите а за да ги посетите сите штандови не ви се доволни ни 7 дена. Перверзни играчки како дронови за снимки од птичја перспектива, опрема за емитување ТВ програма од Северниот Пол, 3Д камери, 3Д екрани за кои не ви требаат специјални очила, софтвер и хардвер за емитување на 3Д програма во живо и слично. Колку чинеа камерите и другите гаџети што беа изложени не сакам ни да знам.
За време на 5-дневниот престој во хотелот Циркус Циркус и бескрајните шпартања по главната улица, каде ниту човечкиот безобразлук а уште повеќе архитектонскиот не знаат за граница, една стара добра одеше на рипит во глава - "сиротињо и Богу си тешка." Страшно е да немаш пари, тоа е тешката вистина. Да ги имав, просториите на Офф.нет.мк наскоро ќе ги красеше "Преку реката и во шумата" со оригинал автограм од Ернест Хемингвеј, плус портрет од авторот. Скоцкани во рамка од околу 1 метар на 30-на сантиметри. Би ве почастил драга редакцијо, стварно, ама па 4.500$....
Иако впечатокот за изедначувањето на човековата вредност со неговиот/нејзиниот паричник ме следи каде и да одам низ Америкава, мислам дека во Вегас наскоро ќе наплаќаат и за пустинското ветре кое пирка по булеварите што знаат да ги носат имињата на Дин Мартин или Мел Торме. Освен паркингот кој речиси секаде е бесплатен, ретко ќе се изгагаш во Вегас, или што би рекол шанкерот Дејв од Флоренс, "пази... во Вегас дур плаќаш, се е бесплатно."
Комар можеш да играш во просториите за пушење на аеродромот [инаку секаде низ градот се пуши,] на шанк, во тоалет... Нема "детонатор" кој би го сотрел тоа чудо. Звукот на покер апаратите и слот машините се уште ми ѕвони во ушите, а според мојот партнер за криминал во Вегас, Ризаов, добро играв и не загубив многу пари. Онака, заради атер, да не речете после дека не сум коцкал во Меката на комарот.
Би одделил повеќе простор за саемот за технологија, но со насмевка под мустаќ ќе претпоставам оти на мнозинството повеќе ви се чита за разврат отколку за последните леќи на Карл Цајс. Да разјасниме од старт, 100 долари па нагоре за проститутка. Не дека прашав, така начув(: Насекаде се и изгледаат совршено провокативно, стилот до душа малку Пајнер но сепак... убавици.
Во обид соодветно да ги опишам боите во кои овие дами се премачкани, чувствувам недостиг на Y хромозом за оние детални женски анализи на една едноставна обувка, па совет побарав од секогаш верните #твитержени. Замолив во твит да споделат што би рекле за еден пар што го носи кокошкана Кардашијан, бидејќи сите кукли во Вегас го тераат овој стил. Издвојувам: ебе*е, оргазмични, прескапи, фак'бл, пјур секс... и двата фаворита [к'ртеси оф @alexhris , парафразирам] жени не опишуваат вакви чевли, убиваат за нив или се убиваат во нив. Или: сензуални со црвен ѓон, кожа боја, отворени и просто неопишливи. Се надевам дека се разбравме за високите потпетици. Епа додадете кратко фустанче [ама кратко фустанче под кое не ѕиркаат гаќички ами вулва] и имате курва од Вегас.
Среќа или несреќа, како сакате наречете ја, ама видов апсење на едно од овие куклиња. Југоисточна Азија по слободна процена. Немам сочувство за проститутки, но кога ја приведуваат пред камера и микрофон како дел од некоја емисија од типот "Капс," од нејзина сум. А кога од блиску ја погледнав во очи, така врзана во лисици, девојчето со око ме збрца во срце. Страшен поглед, незаборавен.
За легалниот дел... по полноќ "стрипот" во Вегас, прилично долго џаде каде се поредени повеќето хотели во кои малите Венеции и Паризи ќе ти го навредат и минималниот вкус за "убаво" и каде меѓу другото, пијани копиљаци за 20 долари нудат да им дадеш клоца во јајца, отруената од сешто раја се сели во стрип клубовите. Кога сказалките ќе се спојат, Лас Вегас стрип не е најбезбедното место во светот. На улица можеш да видиш се и ако не си внимателен, најверојатно ќе наебеш. Во оваа напната празнина оставена од чопорите групи од по 4 мажиња кои очигледни си играат "Хенговер," на улица бевме регрутирани од старка со остар "ист коуст" акцент. Работи како агент за отмен стриптиз клуб чиј ценовник вели: бесплатно собирање и враќање во хотел со лимузина, 25 долари консумација со две пијачки и 30 долари мунимум за танц во скут. Имаш дил тетке.
Чекајте да си турам рум пред да ви раскажам за клубот Трежерс, или по Ризаов, "природне богатствине."
Те прибира шофер на лимузина, Биг Мајк, и токму така изгледа, како шофер на лимузина од Вегас по име Биг Мајк. Го прашувам, абе како да одберам која да ми игра во скут? Вели, ќе те напаѓаат сите а ти ќе ја прибереш онаа што најмногу ќе те бендиса. И пази да не се заљубиш. Џабе Биг Мајк ме предупреди кога Кити Кет ме шашардиса. Хипстерска цвикера, тенко телце, мали природни гради и вештина на шипка ко за на Олимпијада. Од мене веќе доби златна медалја и 40 долари подоцна можев да кажам дека тоа не беше само обичен танц во скут, тоа беше првиот Македонец во Вселената.
Се претставува како Американка, но по потекло ирска Ѓупка. "Ворм џипси блад, а?" ја прашувам, па по нејзино барање на увце и го шептам преводот на македонски: врела крв циганска, а маче?! Потоа се фалам дека во мојот град се наоѓа една од најголемите ромски заедници во светот, на што она изрази желба да ја види Шутка. Слободно дојди со мене, се перчам, се ќе ти покажам а на мене остави ми да и објаснам на мајка ми зошто дома сум прибрал стриптизета од Вегас. Се смее, ме напушта зошто истече моето време а и сета пот од моето чело. "Ќе се обидам да ти се вратам, а ти немој да ме вараш со овие дрољиве," се нашали Кити Кет, рече оти сум и бил многу сладок и дека тоа не го кажува секому. Секако дека и верувам.
Откако во бунило влетав во женскиот тоалет во Плежерс, каде пар голи девојки лицкајки се пред огледало ми се изнасмеаја слатко, совеста ме истера за уши од клубот, бидејќи уште некој час во зачадената стриптиз сензација ќе значеше и тотален банкрот. Вештите девојчиња, кои видливо не го работат тоа под притисок на "Тетеец," ќе ти го земат и бубрегот ако сакаат. А можат.
Тоа драги мои. Борејќи се да го затворам текстов со какво било наравоучение, одлучив да се разделиме со градски муабет на еден драг скопски хазард крал. Мечтаел човекот да заработи околу 50.000 евра и сите да ги спичка во Вегас. А кога ќе завршел, со пура во раката гордо ќе ги речел стиховите: "На фонтаните на Белаџио в кавал да свирам, с'нце да зајдвит, ја да умирам."
В.Л.Адо
lazoroskivladimir@gmail.com