Off Topic

Вака идните генерации ќе учат историја

И денес и отсекогаш историјата се учела полна со бројки, датуми, задолжително разликување „повод“ од „причина“... Доаѓаат генерации на кои сето тоа ќе треба да им биде дополнително преџвакано и кажано на начин кој ќе го разберат - визуелно и динамично. Еве ја лекцијата за Сараевскиот атентат и почетокот на Првата светска војна.

Кога стивнатите јагниња ќе преминат граница

Наш човек не може да не земе нешто храна за одмор ама двајца другари од Куршумлија ја однеле играта на друго ниво. Во Пефкохори решиле да земат јагне. Не сечено, транжирано, криено, туку цело, интегрално јагне. Приказната е со хепиенд, освен за нивните жени на кои после пет дена, и душата им мирисала на бачило.

Триесет и три правила, одбери барем некое

29. Не праќај гневна порака. Напиши ја, преспиј ја, избриши ја. 22. Исклучи ги сите нотификации освен оние на кои би реагирал и во три саат ноќе. 11. Научи се да кажеш „не знам“ без да се извинуваш. 8. Не се карај со некој кој ужива во карањето. 6. Имај еден пријател кој е 20 години постар од тебе и еден 20 години помлад од тебе.

Го знаете ли ефектот на Барбара Стрејсенд?

Во психологијата тоа се вика „психолошка реактанса“ - колку повеќе  притискаш нешто да се скрие, толку повеќе луѓето го бараат тоа. Како кога ќе ти кажат, „не гледај десно“ и одма ти допаѓа да погледнеш баш десно. Ако нешто сакате да тргнете од интернет, не ни помислувајте на тоа.

ТВ дуел какви веќе нема

Сакавме да пишеме да ја споредите луцидноста и досетливоста на гостите во оваа ТВ емисија од 1991 година со излижаниот шпил гости кои циркулираат на нашите телевизии, ама подобро немојте. Присутни се нашиот Циле и стариот Ѓилас но главните фајтери се новинарскиот булдожер Александар Тијаниќ и Иван Звонимир Чичак. Прво Тијаниќ доминира ама и Чичак ќе се соземе и ќе почне да враќа.  

Македонски колбас со ајвар

Јутјуб каналот 2 Guys & A Cooler (речиси 300.000 следачи) прават драгоцени туторијали за колбаси, салами, суво зреење месо и слични онтолошки теми. На ред им дошло да направат домашен македонски колбас (свинско и јагнешко) кој на крајот изгледа сочно и неодоливо. Имаат интересни финти иако некои детали не ни се најјасни, особено ајварот. 

Кечапов е зејтин

Научници од МИТ произвеле некаков лубрикант за подмачкување шишиња кој, без разлика на густината, на течностите им овозможува совршено да лизгаат. Проценка на пазарниот потенцијал на нивниот изум - 17 милијарди долари.

Најстрашната дрога на светот

Документарецов е нешто како најстрашниот маалски мубает што некогаш сте го чуле. Почнува со потрага по најстрашната дрога во светот (во Колумбија), продолжува со приказни за вистински случаи, па сведоштва на луѓе, до (за малку) пробување на дрогата. А има и интересни ликови по пат. По видеово, Авганистан ќе ви изгледа како детска градинка во која нонстоп делат бајадери.

Проблеми на луѓе кои немаат проблеми

Без разлика што си, кај си и кој си, животот ќе најде начин како да ти го утепа расположението и од ништо да ти направи проблем. Еве ги најтешките.

Синан он мај мајнд

Ова беше неминовна историска средба. Беше само прашање на денот кога двата сензибилитета ќе се намирисаат, ќе сфатат дека се слични и ќе пробаат заедно. Босанскиот музичко - текстуален чемер го среќава едвај- чекам- да- се- натажам американски блуз. Персонализирано: Дарен Џонс ја пее "Ej, oткад сам се родио" од Синан Сакиќ. Место на средбата: Њујорк (отпосле дознаваме, наш Апостол да ти бил вмешан во сето ова).

Кодекс на новинарите

... да не гледа, да не забележува, туку да угодува, на шефовите мисли да им чита, ништо да не прашува туку да знае, што сака газдата да чуе, па ќе напредува...

Од љубов до зјапање

Сте го гледале The Men Who Stare at Goats? А мора, ако за ништо друго тогаш заради Џорџ Клуни и сцената со "sparkle eye technique". Туку, вака некако почнале јунаците на филмот?

Off.net.mk - внатрешни препукувања

Женското лоби на офф.нет неодамна изведе подмолен десантен удар и преку уредничката на Букбокс, на нашата насловна подметна апел до читателките да испраќаат слики од мажи кои – види богати - читаат!

Бугарија оди на матура

Кратка репортажа од соседството. Тема - матура, поконкретно - матурантки. Во моментов некоја певаљка седи некаде, ја чита статијава и со подзината уста им се чуди на децава - кај најдовте бре толку пудра и чипка. Плус: реакција од Бугарија.

Ги знаете браќата Богданов?

За браќата Игор и Гричка Богданов и нивните контроверзи во областа на теориската физика, на Википедија можете да прочитате едно чудо. Нам ни е интересна една нивна споредна функција: како носители на најглупавите пластични операции на светот.

Тренинг спот за хумор на своја сметка

Тоа што мислиме дека милион евра за ограда на мост е ретко глуп потег, не значи дека ќе си ја стегаме душата да споделиме дека "туристичкиот серијал" ни е баш ок. Оние со Словенецот кој го глуми Стив Ирвин така - така, ама онаа со тренинг центарот е тотално по наш ќеиф. Затоа што способноста да се зезаш на своја сметка е основа на секој здрав хумор, особено националниот. И заради Мони Дамевски кој е маестралeн во спотот.

Подобро од спајалица

Сите ние летно време гледаме куп девојки кои носат отпечатоци од пластичните столиња на седеле долго и "изгледале важно". Инвентивност е кога во нив ќе видиш свои рекламни агенти.

Во случај Солун да не бидне наш

Тип на објект: базен. Име: Кристална лагуна. Локација: Сан Алфонсо дел Мар, Чиле. Должина: колку 20 олимписки базени. Кубикажа: 2,5 милиони хектолитри (= годишното производство на вино во Шпанија, Франција, Португалија и Романија  - заедно). Најголема длабочина: 35 метри. Цена на изградба: една милијарда долари. Годишно одржување: 2 милиона долари. Температура на вода: 26 степени.

Вујко Дру

Го земаш првиот пик на драфтот 2011-та и дебитант на годината во НБА, Кајри Ирвинг, го маскираш во старец што мрчи (дека на дечурланава им биле важни само патиките и слично) и им го пушташ на некои маалски додека играат баскет. А сето ова го снимаш под алиби дека правиш документарец за некој друг маалски играч (Кевин - внукот).

Мајлс Дејвис и Ненси Реган

Мајлс Дејвис бил човек кој зборувал малку. А не дека останувал недокажан. Во 1987-ма година бил поканет на вечера во Белата Куќа од страна на Роналд Реган. Не сите присутни го познавале и знаеле за кого се работи. Сопругата на претседателот, Ненси Реган, се одважила и го прашала:

Сме го јаделе

Пред легнување, запамтете си ја околината бидејќи наутро може да биде поинаква. Кинезите дигнале зграда за само 9 дена. И доцнеле 8 дена!

Сара, батали го!

Црепов заебал работа, на пијано ја преварил девојка му Сара и сега сака тaa да му прости и да му се врати. Како еден кретен мисли дека се докажува љубов и каење? Така што ќе се понижи "заради неа" и ќе се измоча во гаќи пред цела улица! Ах, колку е глуп!!!!

Државничко прваче

Оланд ја заврши полесната задача, да го победи оној гмаз Саркози. Сега му претстои потешката - да учи протоколарни процедури. Му се падна строга ама праведна учителка, Ангела душо, Ангела Меркел.

Шала, аман, шала

Автентична снимка од една мала сообраќајна незгода од Баку. За среќа, нема повредени. Од извори блиски до азербејџанското МВР дознаваме дека добриот камионџија стопирал извесна претставничка на Еуросонг која брзала на проба. Ја качил во кабината а таа по некое време почнала на чист англиски да му дава инструкции каде да вози.

Враќање во иднината

Најк го пушти 2-от дел од видеото "Write the future." Точно е дека рекламите немаат втор дел, ама како и кецот, и ова е филм. Многу повеќе луѓе, многу повеќе фудбал, малку ЛеБрон Џејмс и Роналдо во куса маичка.

Монтажа "Успомена"

Одиме во магичниот свет на руските свадбени фотографии. Главното што треба тука да го знаете е дека монтажите не се правени од сеир причини, туку по нарачка на младенците.

Парламентарен сеир

Британците не ја изгубиле изгубила смислата за хумор. Сцена од нивниот Парламент, кога пратеник по грешка му седнува во скут на колега. И почнува лавина од сеири. Кај нас седнувањето во скут е стандардна партиска дисциплина.