Off Topic

Вака идните генерации ќе учат историја

И денес и отсекогаш историјата се учела полна со бројки, датуми, задолжително разликување „повод“ од „причина“... Доаѓаат генерации на кои сето тоа ќе треба да им биде дополнително преџвакано и кажано на начин кој ќе го разберат - визуелно и динамично. Еве ја лекцијата за Сараевскиот атентат и почетокот на Првата светска војна.

Кога стивнатите јагниња ќе преминат граница

Наш човек не може да не земе нешто храна за одмор ама двајца другари од Куршумлија ја однеле играта на друго ниво. Во Пефкохори решиле да земат јагне. Не сечено, транжирано, криено, туку цело, интегрално јагне. Приказната е со хепиенд, освен за нивните жени на кои после пет дена, и душата им мирисала на бачило.

Триесет и три правила, одбери барем некое

29. Не праќај гневна порака. Напиши ја, преспиј ја, избриши ја. 22. Исклучи ги сите нотификации освен оние на кои би реагирал и во три саат ноќе. 11. Научи се да кажеш „не знам“ без да се извинуваш. 8. Не се карај со некој кој ужива во карањето. 6. Имај еден пријател кој е 20 години постар од тебе и еден 20 години помлад од тебе.

Го знаете ли ефектот на Барбара Стрејсенд?

Во психологијата тоа се вика „психолошка реактанса“ - колку повеќе  притискаш нешто да се скрие, толку повеќе луѓето го бараат тоа. Како кога ќе ти кажат, „не гледај десно“ и одма ти допаѓа да погледнеш баш десно. Ако нешто сакате да тргнете од интернет, не ни помислувајте на тоа.

ТВ дуел какви веќе нема

Сакавме да пишеме да ја споредите луцидноста и досетливоста на гостите во оваа ТВ емисија од 1991 година со излижаниот шпил гости кои циркулираат на нашите телевизии, ама подобро немојте. Присутни се нашиот Циле и стариот Ѓилас но главните фајтери се новинарскиот булдожер Александар Тијаниќ и Иван Звонимир Чичак. Прво Тијаниќ доминира ама и Чичак ќе се соземе и ќе почне да враќа.  

Македонски колбас со ајвар

Јутјуб каналот 2 Guys & A Cooler (речиси 300.000 следачи) прават драгоцени туторијали за колбаси, салами, суво зреење месо и слични онтолошки теми. На ред им дошло да направат домашен македонски колбас (свинско и јагнешко) кој на крајот изгледа сочно и неодоливо. Имаат интересни финти иако некои детали не ни се најјасни, особено ајварот. 

Теории на заговор во поп-култура

10 теории за филмови, серии и музика што можат да му текнат само на интернетот. Од тоа дека Аладин се случува во иднината, дека сите филмови на Тарантино се во ист свет, па до тоа дека Вил Смит е мртов и никогаш не стигнал до Бел Ер.

Портпарол, мејкинг оф

Една вентрилоквистка, еден доброволец од публика и една маска. Тоа е сè што треба да пореметите јавен идентитет на еден човек (запазете само како му се разликува говорот на телото од она "што го зборува"). Пишурија која неодоливо потсетува на настапите на некои македонски портпароли.

WTF?

Како може да дознаете дека сопственик на еден папагaл обожава да гледа a) вести; б) бизарни клипови од интернет?

Снимка со тежина

Во последниот филм на Скорсезе "Hugo" има еден ужасно долг кадар сниман со ужасно тежок стедикем. Ги имаме двете видеа, како изгледа таа сцена во филмот и како изгледа "во живо". Пробајте да ги синхронизирате.

Демократска естетика

Направивме мала збирка од неодоливо грди аматерски фотографии. Некои рачно зезнати но поголемиот дел упропастени од неподносливата леснотија на користење Фотошоп.

Јас сум ОК, ти си ОК

Џими Кимел го има најјакото обезбедување на свет. Решил да ја реметат жената така што секој дента ќе и прави "да пукне". А таа - неприкосновена господарка на дружељубивоста! Или можеби е со нерегулиран престој па си вика: Ќути жено, може овде е така.

Сега си веќе голема мома

Да се запознаеме со Линдзи Хејвард, висока 208 сантиметри, тешка 109 килограми - чисти мускули! Со други зборови, како ќе изгледа Хулк Хоган кога ќе му досади тоа зеленото и ќе реши да стане плавуша.

Басот на Макартни

17 минутно видео за тоа како се прави Хефнер вилинскиот бас, оној што го познаваме по Пол Макартни (а го свиреа и Тина Вејмут од Talking Heads и студискиот цар Роби Шекспир). Рачно, занатски, со љубов, со знаење. Бтв, еден наш локален мајстор за инструменти го прашале како се прави ќемане. Тој им рекол: Еми, фанеш едно дрво, извадеш сè што не е ќемане и - остане ти ќемане! 

Спрингфилд 2014

Знаеме дека животот ја имитира уметноста ама мораше ли на нашиве животи да им се паднат баш Симпсонови? Во Спрингфилд доаѓа скулптурата на Давид од Микеланџело. Загрижените мајки (Марџ им е потпарол) оценуваат дека ремек делото е максимално вулгарно и дека треба да му се облечат фармерки. D'oh!

Инстаграм м/ж

Како мажите и жените различно ја користат играчката од милијарда долари. Покажи ми фотка и ќе ти кажам дали тоа го сликал некој од поубавиот или од  оној другиот пол.

Битката за хуморот

Пренапалени активисти (за која било кауза) знаат да бидат најдосадните тролови на планетава. Не опасни, не одвратни, туку баш така, досадни. Затоа што она што прво им го убива каузата (национална, сексуална, асексуална) е смислата за хумор.

Гордон Ремзи на носилки

Еден од најпознатите готвачи на светот, Гордон Ремзи, на некој добротворен натпревар во Англија. Против него, легендарниот Теди Шерингам, кој во 25 години кариера нема направено ваков фаул.

Мајка и ќерка

Родителите и децата не се разбираат бидејќи често зборуваат на различен јазик. Еве пример како една мајка пробува да ја премости таа јазична клисура и да и каже нешто на својата ќерка, со дикција која малата ја разбира.

Радио драма: Star Wars

На 31 март 2012-та година, едни од најдобрите гласовни таленти на планетата Земја се собраа за да ја оживеат трилогијата Star Wars. Саат и и дваесет минути, тотално уживање во една фантастична радио драма.

Гриз за секого

Направен е како "најразнообразниот сендвич на светот." Има вкупно 41 различен вид салами кои тежат речиси 5 килoграми (само месо), плус 2-3 вида кашкавал и малку зеленчуци, да разбие малку. Висок е 38 сантиметри, долг 61 сантиметар и се јаде околу 10 часа.

Deus ex motika

Иако поштуеме добра тепачка (нема ништо подобро од добар нокаут, освен можеби Тифани Томсон), главно на сајтов не ги објавуваме, да не се напнуваме непотребно. Правилото важи - сè додека на наидеме на ваков удар! Прецизен како ласер и неминовен како божја казна! Бам!!! Топаловиќи би рекле: Убиј ѓубре!

Сакаме вакво!

Нам глупите никогаш не ни е јасно што може ново да се смисли на светов. Ќе не препознаете по тоа што стално прашуваме: Леле, бе, што ќе им биде следно? И после, кога ќе го извадат тоа "следно", викаме: Да беее, како не ни текна! Е па, не ни текна затоа што сме глупи. Да, имаме видео "од едно следно".

Мадона, генерацијо

Најстрашното нешто од Евровизија што до сега воопшто не ви (ни) текна. Нема никаква врска со давање гласови на соседи, ниту со човековите права во Азербејџан. Нешто меѓу Мадона и Бабушките.

Запросување со спот

Уште едно јавно запросување на кое и најголемите мрчатори (=оние кои поседуваат универзална дефиниција КАКВО ТРЕБА ДА БИДЕ запросувањето) тешко ќе му најдат мана. Шармантно, амбициозно и весело! Да сум жена, вака би сакал да ме запросат. Само со друга песна, да ги видам сите можни блиски како ми глумат спот на Марјан Стојановски.

Ова не е трејлер

Обожавател го замолува Бил Муреј да му даде автограм. Овој го одбива, и наместо тоа се согласува да глуми во неговиот краток филм.

Искрени насловни

Машки vs. женски списанија. Текстовите и темите сведени на нивната чиста основа. Плус, неколку основни фори што ги користат списанијата - Глеј, круг!

На полека

Без резултати, без победници, без шампиони, без губитници, без дискфалификувани. Спорт, пуштен на полека.

Неделата низ трејлери

Неделава имаме филм за еден претседател и неговата девојка, уште еден Бонд, филм за тоа како настанал култот на Скиентологија, Големиот Гетсби и документарец за силувањата во американксата армија.