Off Topic

Го знаете ли ефектот на Барбара Стрејсенд?

Во психологијата тоа се вика „психолошка реактанса“ - колку повеќе  притискаш нешто да се скрие, толку повеќе луѓето го бараат тоа. Како кога ќе ти кажат, „не гледај десно“ и одма ти допаѓа да погледнеш баш десно. Ако нешто сакате да тргнете од интернет, не ни помислувајте на тоа.

ТВ дуел какви веќе нема

Сакавме да пишеме да ја споредите луцидноста и досетливоста на гостите во оваа ТВ емисија од 1991 година со излижаниот шпил гости кои циркулираат на нашите телевизии, ама подобро немојте. Присутни се нашиот Циле и стариот Ѓилас но главните фајтери се новинарскиот булдожер Александар Тијаниќ и Иван Звонимир Чичак. Прво Тијаниќ доминира ама и Чичак ќе се соземе и ќе почне да враќа.  

Македонски колбас со ајвар

Јутјуб каналот 2 Guys & A Cooler (речиси 300.000 следачи) прават драгоцени туторијали за колбаси, салами, суво зреење месо и слични онтолошки теми. На ред им дошло да направат домашен македонски колбас (свинско и јагнешко) кој на крајот изгледа сочно и неодоливо. Имаат интересни финти иако некои детали не ни се најјасни, особено ајварот. 

Уште ретрограден Меркур ѝ фалеше на Босна

Босанската министерка за ОБРАЗОВАНИЕ им објасни на луѓето што е коренот на нивните проблеми: ретроградниот Меркур! Почнал на 30 октомври а Јасна Дураковиќ (знак: Близнаци) советува до 14 ноември, кога ќе се повлече, луѓето да ги одложат сите важни договори, преговори и потпишувања деловни договори за втората половина на ноември. Луѓе предлагаат дотогаш и таа да се повлече. 

Кој ја знае формулата, нека фрли со првата чиа

Мајкл Филип Џегер, познат како Мик Џегер, фронтмен на Ролинг Стонс. 83 години, во телото има истурено стотици килограми кокаин, хектолитри алкохол а во градите има стара тутунска фабрика. Годинава издадоа албум, трча дневно по 10-тина километри. Роберт Превост, познат како Папата Лав IX, фронтмен на Католичката црква. Има 71 година, најчест доручек му се житарици со млеко, во петок пости. Има рак на белите дробови.

Биди Кина

Во 1988 година, имаа само 147 км автопатишта. во 2025 година имаат речиси 200.000 километри. Очекуваниот животен век, од 61 година, се качува на околу 78 години. БДП од 180 долари оди на 13.900 долари. Во 1975 година, целата економија им вреди 164 милијарди долари. Само во 2024 година, инвестираат 45 пати повеќе од вредноста на таа некогашна економија.

На браникот на велосипедската лента

Додека кај нас со наведната глава возиш покрај кола паркирана на тротоар да не му направиш незгодно на „па нема дечко кај да се паркира“ ликот, британските велосипедисти немаат намера ни на момент да ги отстапат велосипедските ленти што од постојните улици беа издвоени за нив. (Ок, да, тие на своја страна имаат и полиција за која велосипедистите се рамноправни учесници во сообраќајот.)

Превенција од дрога не треба да е преплашување од дрога

Норвежани тргаат по сосема нов пат од востановениот „ова си ти на ххх дрога“ и искрено разговараат околу последиците (и немањето на исти) од најразлични пороци, а не само најекстремниот можен исход.

Еден дожд, желби рој

Најискрениот изблик на среќа што денес ќе го видите на интернет: во делови од Австралија почна да врне дожд и човеков не може да се прибере од среќа.

Кога Лос Анџелес изгледаше како Скопје

Калифорнискиот град имал ужасен воздух и пред да постои самиот збор смог. За време на војната, ЛА бил покриен со толкав чад што луѓето помислиле дека Јапонците имаат изведено напад врз градот. Сето тоа почнува да се менува со занокот кој штотуку наполни 40 години: законот за чист воздух кој го потпишува Ричард Никсон. 

Не може вие толку брзо да умрете, колку што политичари може да не ги интересира колку загаден воздух дишете

Како што ќе покаже овој праисториски клип од ТЛН, уште оваа политичка криза и политичари одма ќе се фатат за решавање на проблемот со загаден воздух. До тогаш издржете, купувајте маски, купувајте прочистувачи, не излегувајте надвор, ако ви врши работа купувајте органско за колку толку да ги замачкате наслагите олово во вашето тело и најубаво ќе биде ако може да мислите на проблемите што тие ви ги сервираат, а не на проблемите што вие ги имате.

Како Америка влегува во војни

Има едно непишано правило дека американските републиканци преферират да бомбардираат по Блискиот исток а на американските демократи поинтересен за тоа им е Балканот. На овие простори генерал Весли Кларк е познат по 78 бомбардирање на НАТО. Демократски ориентираниот пензиониран генерал опишува како Пентагон под републиканска палка лесно решава да влетува во воени сценарија на истокот.

Имате Кинез за перика?

Како за други работи, така и за коса, за тие што ја имаат многу е неважно дали ја имаат или не, за тие што ја немаат многу е важно да ја имаат. Како и да е, добро за овие вториве е што работата е многу напредната.

Да греит душата

После добиената битка со леукемијата, малиот се враќа во школо кајшто го пречекуваат другарчињата.

Највеселите гробишта на светот

Добар дел од шармот на Врање и околината го прави ромската култура и нејзината автохтона отпорност кон животните проблеми. На периферијата на Врањската бања се наоѓаат гробишта полни со луѓе кои тешкиот живот и сиромаштијата ги имаат победено на најдобориот можен начин - со музика, веселба и славење.

Песната која сакаме да ја пееме

После сите глобални срања, локални неподносливости, национални порази, тенчењето на нервите и заморот кој сето тоа го носи, ќе дојдеме ли и ние еден ден во ваков зен?

Зошто телевизорите толку поевтинија?

Од гледа точка на компаниите ништо не е поевтинето, само сега и вие сте производот, па разликата во цена ја надополнуваат со продавање на вашите информации, главно што гледате и што не гледате.

Мистеријата на петте пици

Иако главна поента му е дека некој треба да регулира колку јадат овие луѓе бидејќи се толку дебели што тоа е практично самоубиство, вознемирениот коментатор на ова видео обрнува внимание и на една математичка загатка која ние веројатно немаше да ја забележиме.

Божиќ со Цане

Цане од Партибрејкерс веројатно е последниот човек на земјава од кого очекувате да слушнете дека „литургијата е споделување на радоста на својата свесност“. Слушнете ја емисијата и неговата исповед за потребата да не биде само „јас“ туку во своето срце да направи место и за друг. Чудни се патиштата рокерски а Цане, божемепрости, е одличен.

Како дома да јадеме подобро во 2020?

Иако по сите новогодишни и божиќни софри сега е идеално време за совети за слабеење и режими за губење килограми, да не губиме време со празни муабети туку да фатиме друг пат. Како дома да правиме подобри јадења, кои вештини да ги вежбаме, што е суштински за една гозба.... На мени имаме шест светски готвачи.

Печењара „Рики Џервејс“

„И ИСИС да отвори стриминг платформа, ќе се заинтересирате,“ му порача Џервеис на лицемерниот Холивуд на доделувањето на 77 Златни глобуси, замолувајќи ги присутните да не држат политички и освестени говори кога веќе работат за компании како Епл и Амазон. „Вие не сте во позиција да ѝ попувате на јавноста за ништо а повеќето од вас имаат поминато во школо помалку од Грета Тунберг, така што, ако добиете награда, дојдете, подигнете ја и одјебете.“

Да се потсетиме на снегот

Како што се намалува веројатноста дека некогаш во блиска или далечна иднина ќе видиме снег, вреди да се има потсетник дека тоа снегот не е така безазлен како што изгледа, посебно ако си тазе татко.

Да имаше правда, тие требаа да бидат и дино и мерлин

Грозно забавно е деновиве околу новогодишната свирка на Дино Мерлин во Скопје. Некои кои никогаш не го ни слушале ни мирисале, деновиве го тетовираат на своите социјални акаунти, споделувајќи стихови од негови песни. И обратно, некои кои неговата музика баш ги цима, го ругаат затоа што беше донесен од другата банда. Најпоштени беа илјадниците кои отидоа на плоштад заради Дино Мерлин и илјадниците кои не отидоа на плоштад заради Дино Мерлин. А поштено е и ние да се потсетиме на некои наши стари љубови.    

Што после петардите?

Oд цивилизацијата која пред повеќе од два милениума го измисли огнометот, денес, на почетокот на 2020 година, добиваме увид во тоа што е следно во прославувањата со илуминации на небото. Дронови. Кога ли ќе стигнат на раскрсницата кај Мавровка?

Колку 2019 собира во 6 минути?

Ревизија на годинава (од американска перспектива), сите работи што ги мина планетава и сите работи што ги заборави планетава, и на крај малку позитива како маја за следната година.

Дозволете си да се убиеме со убавина

Убавината знае најсилно да блесне баш онаму кај што најмалку ѝ е место и баш онаму кај што најмалку ја очекуваш. Како кокиче сред депонија, како Велвет Андерграунд после Карлеуша, така и оваа убавина на чија милост ве препуштаме се раѓа во една скромна трпезарија, со русвај астал и разголени и запуштени мажјаци. Отворете си ги душите, за арно, за убаво е.

Исповеди од стонери за стонери

Прашањето е „Кои се негативните страни на марихуаната, за кои луѓето не зборуваат.“ Одговорите се базираат на лични искуства и главно на долгогодишни лични искуства.

Für Elise, арапска верзија

Почекајте на ред да дојде тарабуката и другите инструменти па ќе ви стане јасно дека ако Бетовен вака го свиреше овој свој сентиш во а-мол, веројатно пак ќе си умреше глув ама бар со пари на чело.

Другпат нема да прашува

Во желба да биде интерактивен со публиката за своите штосови околу заебаните семејства, стендап комичар инсистира една девојка да му каже што па толку не чини во нејзината фамилија, сигурен дека што и да е тоа, ќе успее да го сврти на мајтап. А не.

Мајнкрафт убер алес

Божиќ. време за отворање на подароците на кои најмногу им се радуваат децата. Малиот посакал да ја добие играта Мајнкрафт. На еден од постарите му се слушнало поинаку.