Тувалу, мала островска држава во Тихиот Океан, се соочува со можноста нејзината територија еден ден да стане целосно ненаселива поради растењето на нивото на морето. Сместена приближно на половина пат меѓу Австралија и Хаваи, оваа тропска земја има околу 11.000 жители кои живеат на девет корални атоли и острови. Но, морето што го создава нејзиниот тропски пејзаж истовремено претставува најголема закана за нејзината иднина. Во последните три децении нивото на морето се зголемило за околу 21 сантиметар, а високите плими, бурите и поплавите стануваат сè почести.
Жителите веќе се подготвуваат за можноста да мораат да ја напуштат својата земја. Во 2023 година Тувалу и Австралија го склучија договорот Falepili Union, со кој на 280 жители на Тувалу годишно им се овозможува да се преселат во Австралија, со можност за престој или државјанство. Интересот е огромен: во 2025 година повеќе од 90 проценти од населението аплицирале за оваа можност. Во исто време, Тувалу се обидува да го зачува и самото физичко пространство. Заедно со Програмата за развој на Обединетите нации и други партнери, работи на создавање ново земјиште и заштита на крајбрежјето.
Но, Тувалу презема и чекор кој звучи како научна фантастика: создава дигитална копија на сопствената земја. Во 2023 година биле направени 3D скенови на сите острови, а нивното дигитално претставување е поставено онлајн. Проектот продолжува со цел да се документираат пејзажот, културата, јазикот, историјата и секојдневниот живот на Тувалу. Идејата е во иднина, дури и ако физичките острови исчезнат или станат ненаселиви, луѓето да можат виртуелно да го посетат Тувалу и да дознаат како изгледало и како живееле неговите жители. Тогашниот министер за надворешни работи Симон Кофе на климатската конференција COP27 предупреди дека Тувалу би можело да биде првата држава што ќе постои само во сајбер-просторот, но дека нема да биде и последната доколку глобалното затоплување продолжи.
Дигитализацијата е дел од поширокиот Future Now Project, со кој Тувалу се обидува да се подготви за најлошите климатски сценарија. Една од целите е да се зачува државноста и признавањето на границите дури и ако физичката територија исчезне, а друга е создавање сеопфатна дигитална архива на земјата. Проектот воедно претставува начин да се зачува културното наследство на Тувалу. Во своите напори земјата се повикува и на традиционални вредности како olaga fakafenua, заедничкиот начин на живеење, kaitasi, споделената одговорност, и fale-pili, идејата за добрососедство. На тој начин, дигиталниот Тувалу не би бил само виртуелен пејзаж, туку архив на едно општество и неговата култура.
Од добрите вести за Тувалу - островите неодамна се најдоа на список кои би ја преживеале потенцијалната нуклеарна војна (види претходно тука). Секако, ако тогаш уште се над морето.