- Техеран им постави седум услови на САД за деблокирање на Ормускиот проток:
- - Крај на заканите од Трамп за Иран;
- Траен крај на војната против Иран и неговите сојузници во Либан, Палестина, Јемен и Ирак;
- Укинување на поморската блокада на иранските пристаништа;
- Повлекување на американската војска од регионот;
- Исплаќање воена отштета;
- Укинување на сите санкции, и
- Безусловно ослободување на замрзнатите средства на Иран.
- „Непријателот е принуден да ги прифати условите. Штом ќе го направи тоа, теснецот сигурно ќе биде отворен“, изјави портпаролот на Револуционерната гарда, Хосеин Мохеби.
- Шефот на дипломатијата Абас Арагчи изјави дека се во завршна фаза преговорите со Оман за привремена заедничка навигација на бродовите низ Протокот. Тој, сепак, додаде дека договорот нема да гарантира отворање на Ормускиот проток. „САД ќе мора да платат, како компензација за прекршувањето на Меморандумот за разбирање потпишан во јуни“, изјави Арагчи.
- Беспилотно летало на украинските воени сили навлегол на териториите на Романија и Бугарија и експлодирал кај пограничното село Кардам, недалеку од две компресорски станици на Трансбалканскиот гасовод од Турција до Украина.
- Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека при експлозијата немало повредени луѓе и нема штета на бугарската станица, оддалечена околу 1.000 метри од местото на кое се урнал дронот. Станицата од романска страна е оддалечена 200 метри.
- Министерството за одбрана соопшти дека леталото било дрон-мамец од типот „Маја“, со кој украинските сили ја попречуваат непријателската противвоздушна одбрана. Иако дронот вообичаено не е вооружен, оној што паднал во Бугарија носел „значително“ количество експлозив.
- Софија оцени дека нема знаци што укажува дека дронот намерно бил насочен кон Бугарија, но Министерството за надворешни работи го повика на разговор украинскиот амбасадор.
- „Можеме со сигурност да кажеме дека одбранбените сили на Украина не насочиле намерно никакви средства кон Бугарија. Во моментов ги утврдуваме сите околности на она што се случи, како и сите технички факти“, изјави Хеорхи Тихи, портпарол на Министерството за надворешни работи на Украина.
- Возачите на електрични тротинети имаат трипати поголема веројатност да претрпат трауматски повреди на мозокот отколку мотоциклистите или велосипедистите, покажува анализа на сообраќајни несреќи во Ангија и Велс. Сепак, ризикот од скршеници на коските кај возачите на тротинети е помал.
- Според студија во списанието Scientific Reports, помалку од 6% од возачите на електрични тротинети изјавиле дека носат шлем.
- Жените на тротинети имале за една третина повеќе незгоди од мажите и двојно повеќе случаи на тешки повреди. Анализата покажала дека жените почесто возат електрични тротинети по тротоари, а мажите почесто користат мобилен телефон додека возат.
- Голем е ризикот и за децата: 16% од повредите при несреќи со електрични тротинети биле кај лица помлади од 18 години.
- „За разлика од автомобилите и мотоциклите, електричните тротинети беа воведени без никаков услов за обука, иако се моторни возила. Возачите стојат и имаат повисоко тежиште од велосипедистите и почувствителен механизам за управување. Малите тркала повеќе реагираат на удари во дупки или предмети на патот. Овие карактеристики ги прават помалку стабилни по природа и придонесуваат за сериозноста на повредите при несреќи“, забележува Петја Венциславова, виш предавач по транспортна психологија на Универзитетот Нотингем Трент.