Борис Дежуловиќ

Збогум фудбалу

Во Торонто, Канада, во петок, 3 јули 2026 година во три часот, една минута и дваесет и осум секунди наутро по централноевропско време, брутално беше убиен добриот, сто и шеесет години стар фудбал. Она што ќе го гледаме во децениите што доаѓаат повеќе нема да биде едноставна игра за деца и професионалци, туку видео игра за хај-тек магнати, богаташи и – мафијаши.

„Во време во кое паметните фрижидери сами купуваат храна, технологијата што ќе сигнализира дали тркалезен предмет преминал линија е примитивна, но целосно револуционерна: после години протести од играчи, тренери, експерти и навивачи, ФИФА воведе компјутерска технологија во фудбалот, а играта никогаш повеќе нема да биде иста. Прашањето повеќе не е дали ФИФА ќе застане само на камери и сензори меѓу головите или ќе оди подалеку, туку – кога.“

Така пророчки напишав во „Јутарњи лист“ пред точно дванаесет години, во јули 2014 година, кога ФИФА - четири години по неверојатниот гол на Френк Лампард за 2-2 против Германија, со топката добар метар зад гол-линијата - конечно ја воведе гол-технологијата на Светското првенство во Бразил.

На крајот на краиштата, продолжив тогаш, „репризите на спорните ситуации веќе се емитуваат во реално време на гигантските семафори на трибините: зошто судиите кои се во дилема едноставно не би ги прегледале снимките, како што тоа го прават другите пеесет илјади луѓе на стадионот? Во време кога паметните фрижидери купуваат храна, видео технологијата е примитивна како телефонска говорница: зошто да не се оди уште подалеку? Алгоритам кој би пресметал и би пријавил дали напаѓачот е најблиску до противничкиот голман во моментот на додавање денес може да се развие  од секој средношколец кој во слободно време прави апликации и игри за паметни телефони. Сè што е потребно се микроскопски предаватели во топката, и никогаш повеќе нема да бидеме во дилема дали Робин ван Перси е во офсајд или не“.

Да ве потсетам, тоа беше четири години пред ФИФА конечно да го претстави сега веќе легендарниот ВАР систем на Светското првенство во Русија, и цели дванаесет години пред да се запознаеме со технологијата „Connected Ball“ на Светското првенство во Северна Америка, кoja во драматичниот финиш на натпреварот помеѓу Хрватска и Португалија ќе регистрира како долгата топка на Иван Перишиќ до Марио Пашалиќ и голот на Јошко Гвардиола за 2-2 во последните секунди од судиското продолжение, попат допрела немирно влакно коса на Игор Матановиќ, со што го исфрли Пашалиќ во офсајд а Хрватска од Светското првенство.

Не беше прват на Хрватска да ѝ избега резултатот за влакно, но беше прв пат да ѝ избега за вистинско човечко влакно.

Целиот фудбалски свет – освен следбениците на сектата на Роналдо – беше констерниран: иако правилата на ФИФА јасно наведуваат дека, цитирам, „косата се смета за дел од телото само ако влијае на движењето или траекторијата на топката“, и иако снимката убаво покажа дека влакното на Матановиќ не ја променила траекторијата и ротацијата на топката ниту за нанометар, норвешкиот судија Еспен Ескас и англискиот ВАР судија Џаред Џилет решија да му веруваат на еден евтин тајвански чип повеќе отколку на сопствените очи, на сопствениот здрав разум и на сопствените правила.

Во секој поглед тоа беше историски момент: фудбалот како физичка игра беше официјално докрајчен. Она што ќе го гледаме во децениите што доаѓаат повеќе нема да биде едноставна игра за деца и професионалци, туку видео игра за високотехнолошки магнати, богаташи и – мафијаши. Зошто би запреле на чипови што ќе го регистрираат контакт на молекула на липидно-протеинската мембрана во кутикулата на човечката коса со полиуретанската макромолекула на топката на Адидас? „Откако ќе се стават чиповите во топките и високотехнолошката опрема“, напишав пред дванаесет години, „пичкин дим ќе биде да се развие технологија која ќе утврди дали ударот во потколеницата на центарфорот бил во рамките на дозволените, зборувам напамет, двесте и педесет, или изнесувал брутални две и пол илјади њутни, според правилата на ФИФА за директен црвен картон.“

Ако со елиминирање на човечката грешка - барем во фудбалот - е навистина можно за да се постигне светиот грал на Правдата, тешко е да не се придружите на свечениот шпалир мажоретки кои ја поздравуваат високата технологија на стадионите.

Електронската контрола во име на истата Правда, на крајот на краиштата, денес ја нема само на фудбалските терени денес: таа веќе го покрива целиот наш живот зад аут-линијата, од камери на трибините, банкоматите, трговските центри и раскрсниците, во лифтовите и рестораните, на работа и во спалната соба, до контролата на е-поштата, телекомуникациите и Фејсбукот. Аргументот е секогаш и насекаде заводливо ист и подеднакво заводлив: судиите на оваа игра ве гледаат и ве контролираат за ваше добро, за потребите на Правдата.

И одеднаш, прашањето престанува да биде левичарско дрндање и станува десничарска параноја: стварно, зошто не би вметнувале мали микроскопски импланти - исто како во мобилните телефони, топките или влошките на фудбалерите - во новороденчиња, за да знаеме од што страдаат, каде ќе бидат кога ќе се изгубат десет години подоцна и дали навистина ќе бидат во офсајд во финалето на Светското првенство дваесет години подоцна?

Ако оној талентиран средношколец кој развива апликации и игри за паметни телефони може да влезе во системот на Пентагон и да ги хакира трансакциите на големите банки, зошто мислите дека никој нема да сака и да може да го злоупотреби едноставниот систем за контрола на една примитивна игра со топка? Ако корпоративните картели електронски го манипулираат вашата мизерна банкарска сметка од пет илјади куни, зошто мислите дека нема да можат и да сакаат да го манипулираат вашиот офсајд од милијарда долари? Затоа, борбата против манипулациите во фудбалот со воведување софистицирана електроника изгледа како гаснење оган со бензин. „Од тука, од мојот кауч пред телевизорот“, заклучив во моето пророштво, „се чини дека високата техологија, мафијата на ФИФА не ја одолговлекува, туку ја развива за нејзините вистински причини“.

„Вистинските причини“ ќе бидат откриени дванаесет години подоцна со дебилната награда за мир на Инфантино за Доналд Трамп и службената препродавачка платформа на ФИФА за билети од десет или сто илјади долари, „паузата за хидратација“ што го претвори фудбалот во кошаркарски натпревар со рекламни блокови и малтретирање на сомнителни навивачи, судии и цели репрезентации, а конечно ќе бидат разоткриени со телефонската интервенција на Трамп и простената казна за црвениот картон за американскиот напаѓач Фоларин Балогун, исто како онаа за Кристијано Роналдо, простена пред почетокот на Светското првенство поради огромниот маркетиншки капитал на португалската суперѕвезда. Затоа, конечно, во осминафиналето, судиите ладнокрвно ќе го поништат голот на Хрватска за 2-2 поради контактот на топката со косата на Матановиќ, што веќе е прогласено за најголем грабеж во историјата на фудбалот. Имено, не е дека технологијата на Правдата откажа: во служба на перофитот, таа директно произведе Неправда.

Јасно, не го пишувам ова заради Хрватска, убеден во глобален заговор против Огнените - секој што ме читал знае што мислам за хрватската репрезентација - туку за самата игра. На крајот на краиштата, „фудбалските терени - од Вембли до полјанчето во Руновиќи - беа оние симболични последни простори на слобода од Сеопфатна контрола и единствените преостанати живеалишта на добрата, стара човечка грешка“, предупредив во тој пророчки текст од 2014 година: „Ако имало некаква измама или местење, како што отсекогаш имало, единствениот сигурен начин тоа да го има уште повеќе - само уште поперфидно и поефикасно, и секако потешко да се докаже - е да се стави фудбалот во рацете на истите луѓе кои веќе манипулираат и ги следат нашите мобилни телефони, компјутери, банкарски сметки и статуси на Фејсбук.“

И така, дванаесет години подоцна, во петок, 3 јули 2026 година, во три часот, една минута и дваесет и осум секунди наутро по централноевропско време, добриот, сто шеесетгодишен фудбал беше брутално убиен во Торонто, Канада. Копилињата ни него не сакаа да ни го остават.

А беше тоа навистина прекрасна игра.

Борис Дежуловиќ

 

20 July 2026 - 17:15