Кинеските државни регулатори забранија чет-ботовите дизајнирани како виртуелни пријатели да поттикнуваат длабоки емоции кај корисниците. Целосно се забранува нудење врски за малолетници. Компаниите се обврзани да вградат систем што итно ќе пријавува откриени случаи на емоционална криза.
Две од најголемите технолошки компании во Кина - Алибаба и БајтДенс, матичната компанија на ТикТок, ги информираа корисниците дека исклучуваат некои функции на своите популарни модели со ВИ.
Слична иницијатива има и во САД, по неколку тужби дека ботовите охрабриле ранливи корисници да извршат самоубиство. Калифорнија и Њујорк одобрија закони за дигитални придружници со кои се бара чет-ботовите редовно, на секои три часа, да потсетуваат дека не се луѓе. Ако системот открие самоубиствени мисли кај корисниците, обврзан е да ги пријави до службите за кризни ситуации.
Пекинг оди неколку чекори понатаму. Освен ограничувањето на капацитетите за поттикнување емоции, новите правила бараат од придружните чет-ботови да поминат регулаторна евалуација пред да ѝ бидат понудени на јавноста. Владата има слобода да ги блокира сите што ги смета за небезбедни.
Прописите главно се поврзуваат со државна цензура - за да не ѝ се дозволи на вештачката интелигенција да ги поткопа политиките на Комунистичката партија, но имаат и поширока цел. Во документот „Рамка за управување со безбедноста на ВИ“ од 2024 година се предупредува дека неконтролираната вештачка интелигенција може да го дестабилизира општеството преку „трансформирање на традиционалните погледи за вработувањето, плодноста и образованието“.
Населението на Кина се намалува четири години по ред, а стапката на наталитет падна на рекордно ниско ниво. Владата воведува мерки и субвенции спротивни на политиката „Едно дете“ за да ги поттикне младите да имаат повеќе деца пред да дојде во ситуација кога економијата ќе биде преоптоварена од потребите за пензискиот и здравствениот систем.
Во тој контекст, потенцијалното другарување и развојот на романтични врски со ботовите, наместо со луѓе, се смета за сериозна закана.
Тие сакаат да ги охрабрат луѓето да градат реални врски. Можеме да замислиме дека за три или четири години од сега 15 милиони кинески жени ќе вљубат во четбот и нема сакаат да имаат семејство ниту деца, предупредува Мет Шиан, аналитичар за ВИ во Карнегиевата фондација за меѓународен мир.