OpenAI го спушти рејтингот на Oracle на прагот на „ѓубре“

Кредитниот рејтинг на компанијата Oracle, една од водечките што нуди услуги на „клауд“ технологијата, е спуштен на само едно ниво пред да биде прогласен за „ѓубре“. Причината е крајно ризичната инвестиција во потенцијалот на OpenAI – компанија која не може да си ги плати своите сметки и која од своето основање е машина за горење туѓи пари.

Водечката светска агенција за рејтинзи S&P Global го намали долгорочниот кредитен рејтинг на Oracle од BBB на BBB-. Тоа е само еден праг повисоко од шпекулативната класа со голема деловна несигурност, која е позната и како „ѓубре“.

Според S&P, бизнисот со вештачка интелигенција на Oracle троши многу повеќе пари отколку што се очекуваше. Капиталните трошоци сега се предвидува дека ќе достигнат 95 милијарди долари до 2027 година, а не 60 милијарди како што досега се очекуваше. Проценето е дека приходите нема да се материјализираат со години.

Како клучен кредитен ризик во извештајот е наведена сомнителната зделка на Oracle со OpenAI – приватна компанија без сопствен рејтинг. OpenAI сочинува приближно половина од договорните обврски на Oracle за закуп на центри за податоци во износ од 638 милијарди долари. Тоа, според агенцијата за рејтинг, го доведува Oracle во потешка позиција од конкурентите AWS, Google и Microsoft, кои имаат подлабоки финансиски резерви и внатрешни оптоварувања, со кои може да го апсорбираат вишокот капацитет.

Закупите на центрите за податоци на Oracle имаат док од 15 до 19 години. Договорите со клиентите се околу 5 години. Тоа значи дека Oracle потпишал 19-годишни обврски за да ги исполни 5-годишните ветувања од клиент кој никогаш не заработил ниту еден долар профит.

Ако OpenAI во некој случај пропадне, Oracle ќе остане со огромен капацитет на закупени центри, кои нема да може самостојно да ги пополни и ќе мора да ги издаде на друга компанија, и тоа по многу полоши услови поради катастрофалниот кредитен рејтинг.

За споредба, кредитниот рејтинг на Microsoft е AAA, на Alphabet е AA+, а на Amazon е AA. Oracle би се натпреварувал со нив за истите договори за ВИ поаѓајќи од седум до девет нивоа подолу на кредитната скала.

Сепак, приходите од „клауд“ инфраструктурата на Oracle пораснале за 93% изминатиот квартал. На денот на намалувањето на рејтингот, вредноста на акциите на Oracle се зголемија за 2,65%.

Еден ден потоа Британија го избра Oracle, заедно со уште три други сродни компании, за критична трета страна во државниот финансиски систем. Целата структура сега се потпира на очекување дека OpenAI, фирмата што досега никогаш не била во состојба да си ги плаќа сопствените сметки, ќе може да испорача профит.

13 јули 2026 - 14:38