Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, објави едногодишна забрана за изградба на нови центри за податоци чиј енергетски капацитет надминува 50 мегавати. Како причина наведе загрижености за можно загадување, потрошувачка на вода и зголемување на цената на струјата.
Со забраната на Хочул се поништува законот усвоен од Сенатот на Њујорк на 4 јуни, со кој се забранува изградба на центри од 20 мегавати. Гувернерката воведе и одредба што ги обврзува сопствениците на центри за податоци да вложуваат во државен фонд за одржување и надградување на енергетската инфраструктура, за да може да издржи зголемен товар. Оние што нема да изградат сопствени генератори, ќе мора да плаќаат поскапа струја, за да им се намалат сметките на граѓаните.
Одделот за јавни услуги на Њујорк треба да изработи стандарди за влијанието на центрите за ВИ врз животната средина, со критериуми за квалитетот на водата и воздухот и потрошувачката на струја и вода.
Одлуката, сепак, има и политичка заднина. Со приближувањето на среднорочните избори во ноември, демократите настојуваат да ја обноват довербата од гласачката база. Спротивставувањето на центрите за ВИ е оценета како тема што поминува добро кај прогресивните гласачи, дури и кај умерените републиканци. Други сојузни држави се воздржуваат од слични потези, веројатно како резултат на моќното лоби за ВИ, кое донира милиони за двете партии.
Мејн усвои сличен мораториум за изградба на центри, но гувернерката Џанет Милс одбива да го потпише. Аризона усвои мерка со која центрите за податоци три години нема да бидат ослободени од даноци.
Претседателот Доналд Трамп е против правото на сојузните држави да воведуваат сопствени регулативи за ВИ. Тој побара да се основа федерален суверен фонд, во кој технолошките компании ќе вложуваат дел од профитот и парите ќе им се враќаат на граѓаните. Конгресменот Берни Сандерс даде уште порадикален предлог – компаниите да уплаќаат 50% од профитот во суверен фонд.
Неодамнешна анкета на Ројтерс и Ипсос покажа дека едвај една третина од Американците одобруваат изградба на центри за податоци, а огромно мнозинство не ги сакаат во своите населби. Друга анкета покажа дека Американците повеќе би сакале да живеат близу до нуклеарни централи отколку до центри за податоци.