- За да го спречи Иран да наплаќа патарина за бродовите во Ормускиот проток, Трамп од денеска ја враќа американската блокада за ирански бродови, а на сите други им наметнува „надомест за заштита“ во висина од 20% од проценетата вредност на товарот.
- „Ормускиот проток е отворен и ќе остане отворен, со или без Иран. Ја враќаме иранската блокада. Сите други земји ќе можат фер и отворено да го користат Протокот... Заштитуваме многу богат дел од светот. Трошиме пари. Треба да ни биде платено за заштита“, напиша Трамп во конфузна порака.
- Со ова Трамп всушност го потврди ставот на Техеран дека комерцијалните бродови треба да му плаќаат патарина на оној што го контролира протокот. Прашањето е кој ја има контролата.
- „ПОТУС е апсолутно во право. Кој и да овозможува безбеден премин на комерцијални бродови низ Ормускиот теснец треба да биде компензиран за услугата. Иран отсекогаш бил и засекогаш ќе остане заштитник на протокот. Надомест од 20% е секако премногу. Ние ќе бидеме фер“, порача министерот за надворешни работи, Абас Арагчи.
- Меѓународната поморска организација на ОН тврди дека нема правна основа да се наплаќа патарина за бродови во кој било морски теснец.
- Основниот Кривичен суд Скопје го ослободи од обвинение поранешниот премиер Никола Груевски за случајот „Талир 2“, за пречекорување на службени овластувања и противправно финансирање на изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.
- Судијката Даниела Алексовска објасни дека ослободителната пресуда е директна последица на законските измени од 2023 година, а не на различна оценка на доказите.
- Според Судот, иако претходно истите докази биле доволни за да се утврди злоупотреба на службената положба, по законските измени тие не биле доволни за да се докаже кривичното дело пречекорување на службените овластувања.
- Трошоците за судската постапка паѓаат на Буџетот на државата. Судот го одби и предлогот на Обвинителството за конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
- Предметот „Талир 2“ повторно беше отворен по одлуката на Апелацискиот суд од јануари 2024 година, кога првостепената пресуда беше укината поради измените на Кривичниот законик. Во првото судење во 2022 година Груевски беше неправосилно осуден на 6 години затвор, но постапката беше вратена на повторно судење.
- Американски федерален суд пресуди дека има основа за покренување тужби против фармацевтската компанија Кенвју во врска со тврдењата дека нејзиниот лек против болки Тиленол може да предизвика аутизам.
- Окружниот апелационен суд во Њујорк објави дека судијата од понискиот суд немал основа да го исклучи сведочењето на Андреа Бакарели, декан на факултетот за јавно здравје на Универзитетот Харвард, бидејќи наводно не одразувал сигурна примена на научни методи.
- „Ова е оправдување за научните докази што нашите клиенти ги презентираа од почетокот. Со нетрпение очекуваме да ги презентираме тие докази пред поротата“, изјави Ешли Келер, адвокат што застапува група тужители.
- Претседателот Доналд Трамп лани им советуваше на бремените жени да не го користат лекот против болки. Обвинителот на Тексас поднесе тужба.
- Ризиците од Тиленол ги открил првичниот производител Johnson & Johnson, но избегнал да објави предупредување на пакувањето, туку го издвоил своето Одделение за здравје на потрошувачите во нова компанија Кенвју, со што практично ѝ ја префрлил и одговорноста.