Како да запамтите сè што читате?

Дали некогаш сте прочитале книга што ви изгледала важна, а неколку недели подоцна едвај да се сеќавате што пишувало во неа? Еден филозоф и книжевен критичар уште во 1940 година тврдел дека проблемот не е во нашата меморија, туку во начинот на кој читаме.

Повеќето луѓе уште од мали се учат дека книгите мора да останат чисти и недопрени. „Уши“ на страницата, подвлечена реченица или белешка на маргината често се сметаат за „оштетување“ на книгата. Но, американскиот филозоф Мортимер Адлер сметал дека токму спротивното е вистина. Во својот познат есеј „Како да бележиш во книга“, тој објаснува дека книгата што нема никакви траги од читање често значи дека читателот не влегол вистински во дијалог со неа.

Според Адлер, не е доволно само физички да поседувате книги. Може да имате огромна библиотека и сепак малку да сте научиле од неа. Вистинското „поседување“ на книгата се случува дури кога идеите од неа стануваат дел од вас. А тоа не може да се случи пасивно. Читањето бара внимание, размислување и реакција.

Тој прави разлика меѓу декоративна библиотека и „работна библиотека“. Во првата, книгите изгледаат беспрекорно, како музејски предмети. Во втората, тие се полни со подвлечени реченици, свиткани страници и коментари на маргините – траги од нечие размислување и интелектуална борба со текстот. За Адлер, токму таквите книги имаат вистинска вредност.

Современите истражувања во образовната психологија денес ја потврдуваат неговата интуиција. Активното читање – подвлекување, бележење и објаснување на идеите со свои зборови – значително ја подобрува меморијата и разбирањето. Некои студии покажуваат дека луѓето кои активно бележат додека читаат можат да запомнат и до седум пати повеќе од оние што само пасивно ги минуваат страниците.

Адлер смета дека читањето треба да биде разговор со авторот. Кога подвлекувате реченица, вие велите: „Ова е важно“. Кога на маргината ќе напишете прашање или несогласување, тогаш веќе не сте само читател, туку активен соговорник. Токму тие мали реакции го претвораат читањето во размислување.

Интересно е што тој препорачува белешките да се пишуваат со пенкало, а не со молив. За него, тоа е симбол на сериозност и посветеност – знак дека навистина сте се впуштиле во дијалог со книгата. Секако, Адлер признава дека не секоја книга мора да биде „обработена“ на овој начин. Лесен роман или книга „за онака“ не секогаш бараат толку активно читање. Но, кога станува збор за филозофија, историја, психологија или класична литература, белешките се речиси неопходни ако сакате навистина да ја разберете и запомните книгата.

извор

21 May 2026 - 21:57